Фото: Маја Јаневска-Илиева

НАДЛЕЖНИТЕ ОД УПРАВАТА ЗА ХИДРОМЕТЕОРОЛОШКИ РАБОТИ ОБЈАВИЈА ИТНИ ПРЕПОРАКИ ЗА ГРАЃАНИТЕ:

Управата за хидрометеоролошки работи излезе со најново соопштение, според кое, Македонија влегува во период на пеколни горештини. Прогнозата е дека температурите од денеска до средината на следната недела ќе бидат над 30, а локално и над 40 степени Целзиусови.
– Очекуваме сончево и многу топло време под влијание на топла воздушна маса од југ. Апелираме граѓаните да бидат претпазливи и да ги следат препораките од здравствените власти – изјавија од УХМР.
Мала утеха за граѓаните претставува најавата дека в недела попладне и навечер се можни локални врнежи и грмежи, затоа што, според надлежните, горештините ќе продолжат и понатаму.
Од своја страна и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) излезе со препораки за заштита, особено за постарите лица и хронично болните. Се препорачува избегнување директна изложеност на сонце од 11 до 17 часот, носење лесна облека, капа и очила за сонце, користење крем со УВ-фактор над 30 и зголемено внесување течности – без чекање чувство на жед.
Алкохолот, кофеинските пијалаци и екстремно ладните пијалаци се строго непожелни, а оние со ограничено внесување течности треба да се консултираат со својот матичен лекар.
– Особено е важно хронично болните со кардиоваскуларни, белодробни и невролошки заболувања да ги следат препораките, да ја земаат редовната терапија и при какви било промени да се јават кај својот лекар – велат од ИЈЗ. П.Р.