Фото: Маја Јаневска Илиева

На македонската листа и понатаму доминираат Евгени Романов и Моника Стојковска

ШАХ – РЕЈТИНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА ЈУЛИ

Индискиот велемајстор (ВМ) Прагнананда Рамешбабу, со победата на купот „Узчес 2025“ во Узбекистан, освои 12 поени и се искачи на четвртото место на јулската рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), а на првото во Индија. На турнирот во Ставангер (Норвешка), американскиот ВМ Фабијано Каруана освои седум поени и се врати на третото место во светот, Американецот Хикару Накамура (2.804, плус три) остана втор, а ВМ Арјун Еригаиси (2.776, -6) падна од третото на петтото место.
Најголем напредок во првите 100 оствари 16-годишниот ВМ од Турција Едиз Гурел, кој освои 16 рејтинг-поени и од 93-то место се искачи на 72-то и првпат има рејтинг од 2.650 поени. Кај шахистките, ВМ од Украинка Ана Музичук освои девет поени и се искачи од седмото на четвртото место со триумфот во Ставангер. ВМ од Кина Леи Тингџие освои пет поени и остана на третата позиција. Светската првенка ВМ Ју Венјун (2.570) остана втора иако загуби 10 поени. Најголеми добивки во првите 100 имаа Американките ИМ Алис Ли (плус 23) и ВМ Кариса Јип (плус 22). Казахстанката Жансаја Шолпанбек го привлече внимание со пораст од дури 334 рејтинг-поени. Тоа е најголемото зголемување од која било друга шахистка на листата и нејзиниот рејтинг сега е 2.083 поени.

Норвежанецот Магнус Карлсен (2.839, плус два поена) и Кинезинката Јифан Хоу (2.633) и понатаму се неприкосновени на врвот во машка, односно во женска конкуренција. Актуелниот светски првак, Индиецот Домарају Гукеш, падна за едно место и сега е шести (2.776), а за едно место напредуваше, и сега е петта, ВМ од Индија Хампи Конеру (2.536, минус седум).
На македонската машка листа нема промени на првите пет позиции. И понатаму прв е ВМ Евгени Романов (2.585), а потоа се ВМ Трајко Недев (2.475), ИМ Филип Панчевски (2.428), ВМ Александар Чоловиќ (2.412) и ИМ Дејан Стојановски (2.407). Најмногу поени (33) освои Жарко Селковски, кој неодамна настапи на Шаховската олимпијада за слепи и за слабовидни во Србија и од 96-то се искачи на 87. место. Нема промени на првите пет позиции и кај шахистките. Води ЖФМ Моника Стојковска (2.067), а следуваат ЖФМ Весна Секуловска (2.064), ЖФМ Ивана Манова (2.020), ЖИМ Габриела Коскоска (2.000) и ЖФМ Моника Жежовска (1.978). Најмногу поени (34) освои младата и надежна Илијана Велева и со рејтинг 1.634 напредуваше за едно место и сега е 17-та. Г.И.