Фото: ЕПА

Со тоа е израмнет рекордот на гранслем-турнирите воопшто, бидејќи 13 носители биле елиминирани и на Австралија опен во 2004 година, а во женска конкуренција во првото коло годинава во Вимблдон загубија вкупно 10 носителки

ТЕНИС

Нова историја е испишана на традиционалниот тениски гранслем-турнир Вимблдон, откако рекордни 13 од 32 носители на турнирот во машка конкуренција се елиминирани во првото коло. Со тоа е израмнет рекордот на гранслем-турнирите воопшто, бидејќи 13 носители биле елиминирани и на Отвореното првенство на Австралија во 2004 година.
Претходниот рекорд на Вимблдон за најмногу носители што загубиле во првото коло во машка поединечна конкуренција беше 11 (во 2001, 2003, 2018 и во 2021 година), пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП).
Тенисери носители на годинашниот Вимблдон што се елиминирани во првото коло, а четворица се од првите 10, се Александар Зверев (трет носител), Лоренцо Мусети (седми), Холгер Руне (осми), Данил Медведев (деветти), Франциско Серундоло (16), Уго Умбер (18), Алексеј Попирин (20), Стефанос Циципас (24), Денис Шаповалов (27), Александар Бублик (28), Алекс Михелсен (30) Талон Грикспор (31) и Матео Беретини (32).
Во женска конкуренција во првото коло загубија вкупно 10 носителки, изненадувања се поразите на втората и на третата носителка, Коко Гоф (годинашна победничка на Ролан Гарос), која загуби од Дијана Јастремска (42. на ВТА-листата), односно Џесика Пегула, која во два сета загуби од 116-та тенисерка, Елизабета Кочарето, а загубија и Кинвенг Женг (петта носителка), Паула Бадоса (деветта), Каролина Мухова (15)… Г.И.