Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пензионерите, кои пред повеќе од една година протестираа за линеарно зголемување на пензиите, денеска од Свети Николе побараа и годинава да добијат линеарно покачување на пензиите, наместо процентуално. Трајче Станојков член на Иницијативниот одбор од Општина Свети Николе вели дека актуелните мерки за усогласување на пензиите, кои се засновани на процентуално зголемување, не се доволни и не обезбедуваат фер распределба на средствата.

– Бараме на 15 јули премиерот Мицкоски да не прими и да му образложиме за предлог законот што го имаме доставено до Собрание, а истовремено да му ги кажеме и неправилностите за овие 30 години, за времето на транзицијата – изјави Станојков.

Пензионерите посочуваат дека  протестираат и за младите. Според нив, доколку покачувањето на пензиите е процентуално ќе бидат оштетени и идните пензионери.

Собирот и  протестот денеска се одржа во Свети Николе, а на него присуствуваа пензионери од сите градови. Освен средба со премиерот пензионерите, уште еднаш јавно побараа и оставка од претседателката на Сојузот на пензионери, Станка Трајковска, која ја обвинуваат дека не ги застапува нивните интереси.