„Практикум за превентивна борба против корупцијата во правосудството и администрацијата“ на Зоран Петковиќ-Бакли ќе ја има својата промоција денеска, во 12 часот, во ДХО „Даре Џамбаз“ во Скопје.
Промотори на книгата се: Билјана Ивановска, поранешна претседателка на ДКСК, проф. Иван Бабановски, проф. д-р Миодраг Лабовиќ и доцент д-р Алексеј Сопронов.
– Општопознат факт е дека корупцијата е негативна и штетна појава во општеството и државата. Таа, корупцијата, се јавува и постои, кога државни, службени и јавни лица вршат определени работи што се секако должни да ги сработат во согласност со устав, закон и подзаконски акти, но бараат за тоа некаква противуслуга или пари. Корупцијата е забрането однесување, затоа што ги загрозува демократијата, владеењето на правото и правата на човекот, гарантирани со устав и закон. Во услови на коруптивна држава и општество инфицирано од корупција, наместо правото, законите и вредностите содржани во нив, владеат поединци, избирани во законодавната власт, наименувани во извршната и судската власт и назначени во јавната и државната администрација (на локално и државно ниво), кои се раководат од лични користољубиви цели – ова е само дел од рецензијата кон книгата на Сотир Костов, правник и брендолог.
Поразителен е фактот што коруптивното однесување и коруптивните активности се појавуваат во сите слоеви и области на општественото живеење во Република Македонија.
– Со овој практикум авторот ни укажува дека е крајно време работите и состојбите радикално да се менуваат. Потребни т.е. неопходни се сеопфатни реформи. Вистински длабински (темелни) структурни реформи, а не козметички и површински, палијативни и краткорочни. Целокупната експертиза содржана во прирачникот ни овозможува повисоко ниво на свест дека корупцијата, заедно со организираниот криминал, е најголема закана за демократијата. Неа може да ја спаси само владеењето на правото. За такво владеење е потребна култура на законие. Тоа е стриктно почитување на законите и имање целосна доверба во правниот поредок. На крајот треба да се констатира дека овој практикум е напишан од раката на многу искусен правен практичар, со завидно ниво на познавање и владеење на правната материја, кој е и долгогодишен предавач по предметите Кривично право, Криминологија и Организиран криминал и корупција, признаен медијатор и искусен адвокат – пишува Сотир Костов.