Најтрофејна на европските првенства е Германија со осум титули, Норвешка има две, а по уште една имаат Англија, Шведска и Холандија
ПОЧНУВА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА ФУДБАЛЕРКИ
Европското првенство (ЕП) за фудбалерки почнува денеска во Швајцарија, на кое Англија ќе ја брани титулата, а светскиот шампион Шпанија ќе игра за израмнување рекорд. На континенталното првенство, кое е 14-то по ред, третпат ќе настапат 16 репрезентации.
На претходното Европско првенство, играно во 2022 година во Англија, репрезентацијата на Англија стана петтата селекција што освои европска титула. Најтрофејна е Германија со осум титули, Норвешка има две, а по една имаат уште и Шведска и Холандија. На претходните два шампионата победник беше селекција што првпат ја освојуваше европската титула, и тоа Холандија во 2017 година и Англија пет години подоцна, двете на домашен терен.
Шпанија, пак, стана петтата репрезентација вкупно, а трета од Европа, што ја освоила светската титула, кога во 2023 година славеше на планетарното првенство во Нов Зеланд и во Австралија, во финалниот натпревар токму со Англија.
Репрезентацијата на Шпанија досега не била европски првак, ниту играла во финале (има едно полуфинале, во 1997 година), а со евентуално освојување на титулата ќе стане втората репрезентација што во исто време е светски и европски првак, по Германија (европски шампион во 2001 година, светски првак во 2003-та, потоа повторно континентален во 2005 и планетарен во 2007 година, а таа репрезентација беше и двапати европски првак во следните четири години).
Денеска на програмата се двојките од групата А, Исланд – Финска и Швајцарија – Норвешка, утре играат Белгија – Италија и Шпанија – Португалија во групата Б, задутре се средбите од групата Ц, Данска – Шведска и Германија – Полска, а в сабота се натпреварите Велс – Холандија и Франција – Англија во групата Д. По три кола по две најдобри селекции од секоја група ќе играат во четврт-финалето. Н.М.