Фото: Приватна архива

Од името на целиот колектив при ООУ,,Никола Вапцаров“ од Струмица, му упатуваме искрени честитки на нашиот ученик Лука Костов за објавувањето на првата негова стихозбирка,,Филигран од мастило“. Твоето прво дело нека биде само почеток на едно богато и инспиративно книжевно патување. Продолжи да сонуваш, да пишуваш и да ги допираш срцата на читателите, му порачаа на Лука од неговото основно училиште, во кое месецов заврши деветто одделение, како првенец на генерацијата

ТАЛЕНТИ: ЛУКА КОСТОВ (15) ОД СТРУМИЦА ЈА ОБЈАВИ СВОЈАТА ПРВА КНИГА

Неодамна во Струмица беше промовирана првата книга на деветтоодделенецот Лука Костов, насловена „Филигран од мастило“. Станува збор за збирка песни што имаат пејзажни, родољубиви, љубовни, духовни, религиозни и верски мотиви.
Пред многубројна публика од пријатели на семејството, другари, роднини и пријатели дојдоа да му честитаат на Лука за успехот и заедно со него да се радуваат на неговото книжевно првенче.
– Од името на целиот колектив при ООУ,,Никола Вапцаров“ од Струмица, му упатуваме искрени честитки на нашиот ученик Лука Костов за објавувањето на првата негова стихозбирка „Филигран од мастило“. Твоето прво дело нека биде само почеток на едно богато и инспиративно книжевно патување. Продолжи да сонуваш, да пишуваш и да ги допираш срцата на читателите – му порачаа на Лука од неговото основно училиште, во кое месецов заврши деветто одделение.

СЕМЕЈСТВО НА КРЕАТИВЦИ

На промоцијата беа присутни м-р Владе Ефремов, кој е рецензент на книгата и му е верна поддршка на Лука, неговата менторка Данче Танева и проф. Даниела Пејева Митева.
Но покрај тоа што е многу талентиран, Лука е и многу богат, а богат го прави неговото семејство. Секако, сите членови на семејството беа присутни на промоцијата.
– Мајка ми, која изработува филигран, е „виновник“ за насловот на мојата книга, брат ми Филип на промоцијата свиреше на гитара, брат ми Благој го направи дизајнот на корицата на книгата, а најмалото братче Иван зачудено ја следеше атмосферата и не се раздели од мене додека потпишував книги. Секако, тука е татко ми Гоце, кој е уредник на мојата прва книга – со радост ни раскажа Лука.

ПРВЕНЕЦ НА ГЕНЕРАЦИЈАТА

Инаку, Лука има многу таленти. Почнал да пишува поезија за време на пандемијата на ковид, а првата песна ја напишал на 20 декември 2021 и насловена е „Разбуди се, горо“. Досега за своите творби добил повеќе награди, меѓу кои прва награда на конкурсот „Холокаустот низ призмата на детските очи“, второ место на конкурсот по повод Струмичкиот карневал, втора награда на конкурсот „Св. Петнаесет Тиверополски маченици“, како и неколку награди на разни конкурси распишани од Домот за деца и млади.
Лука свири и на виолина, ученик е во ОМУ „Боро Џони“, кај наставниците Душко Филев и Костадинка Ончева, а член е и на рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Јанков-Мучето“. Покрај сите многубројни активности и таленти, Лука го заокружи основното образование, ни помалку ни повеќе, туку како првенец на генерацијата.

– Мои омилени предмети се Македонски јазик, Историја и Географија. Слободното време го минувам читајќи. Најмногу ги сакам класичните дела, омилен автор ми е Петре М. Андреевски, особено неговата „Дениција“, а во моментов ги читам делата на Иво Андриќ- ни раскажа овој мултиталентиран деветтоодделенец.

СОБИРАЧКАТА ДЕЈНОСТ – НОВ ПРЕДИЗВИК ЗА ЛУКА

И како да е малку сето ова, Лука Костов се втурнал во уште една креативна авантура. Бидејќи неговите родители потекнуваат од Овче Поле, Лука собрал 35 испеани народни песни од тој крај и се надева дека наскоро ќе ги публикува. А секако дека тоа ќе се случи бидејќи со него работи истакнатиот фолклорист Иван Котев, кој има желба да му ги пренесе на Лука собирачките техники и постапки и на најдобар начин да го упати како да ја продолжи неговата долгогодишна и богата собирачка фолклорна дејност.
Како што веќе добро знаете, „Колибри“ е секогаш на страната на вредните, трудољубивите, талентираните и успешните, па токму затоа ќе кажеме дека се радуваме на неодамнешната средба со Лука во неговата Струмица и од срце му посакуваме да биде среќен и исполнет со своите креативни пориви.


Чекори

По празна улица,
чекори се слушаат,
како напуштени птици,
сами по патот, одат тие.

Светилката силно жолтеникаво свети,
ветрецот тивко дува,
тие двајца, одат и пак одат.

Рака под рака,
чекор по чекор,
зборови редат,
поглед ист делат.

И светкаат лицата,
и еве, сега одново
одат по празна улица.

Лука Костов
(од стихозбирката
„Филигран од мастило“)

Фото: Приватна архива