Српската полиција употреби солзавец вечерва во обид да растера демонстранти во центарот на Белград кои фрлаа кон нив со шишиња, петарди, јави дописникот на МИА од Белград.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ ги осуди нападите врз припадниците на полицијата од страна на учесниците на протестот одржан доцна попладнево на плоштадот Славија.

– Остро ги осудувам бруталните напади од страна на учесниците на непријавениот митинг во Славија врз припадниците на полицијата. Полицијата ќе преземе сите мерки за воспоставување на јавниот ред и мир, ќе ги одбие сите напади и ќе ги примени сите овластувања за одбивање на нападите, како и ќе ги уапси сите оние кои ја нападнаа полицијата – рече министерот Дачиќ.
Припадници на жандармеријата почнаа со интервенции за растерување непосредно пред 22 часот во центарот на Белград против група млади лица кои, по завршувањето на студентскиот протест, фрлаа факели и петарди кон нив. Немирите почнаа неколку минути по завршувањето на собирот, а откако студентското обезбедување го напушти просторот што ги одвојуваше демонстрантите и приврзаниците на власта кои се пред српското Собрание.