Повод: Предлог-законот за соодветна и правична застапеност
Воспоставувањето на мерит-системот наместо етничките квоти е клучно за напредокот на земјата и градење – квалитетни и ефикасни институции, наспроти она што се правеше до скоро, да се полни администрацијата со некомпетентни партиски војници-извршители, кадри што не работеа, земаа плати и дури и не одеа на работа. Исчекор кон мерит-системот е и чекор кон градење држава надвор од етничките стеги. Токму ваквиот потег наскоро ќе покаже дека самите можеме и мораме да почнеме да ги средуваме внатрешните состојби по терк што содржи работа со знаење, вештини, компетентност, ефикасност и акумулирање искуство за уште поголеми резултати…
Светската и европската практика потврдуваат дека функционалноста на јавната администрација, а со тоа и функционалноста на државата е условена од способностите и квалитетите на човечките ресурси. Тоа само по себе влијае на ефикасноста на институциите во сите нивоа на државата, како и способноста на самата држава да се справува со реалните проблеми на граѓаните, но и предизвиците од надворешен аспект.
– Силните институции се вистинскиот мотор на одржливите промени. Тие ја претвораат визијата во резултати- рече пред некој ден македонската министерка за финансии на завршната сесија на годишниот состанок на УО на ЦЕФ-форумот во Црна Гора.
Во тој контекст можеме да го разбереме и новиот предлог-закон за соодветна и правична застапеност што беше усвоен од македонската влада. Според нашите соговорници, кои се добро упатени во оваа проблематика, новото законско решение е можност за вработување компетентни кадри (од сите етникуми), во согласност со меритократскиот систем за заслуги и вредности, а не како досега, автоматски пласман, според етничката припадност.
Способноста наспроти етничката припадност
Суштината на секоја администрацијата е спроведување и извршување на работните задачи преку луѓето и процесите. Со други зборови, администрацијата ѝ овозможува на секоја организација, без разлика дали станува збор за компанија или државна институција, да работи непречено, ефикасно и во согласност со поставените цели. Јавната администрација, како што е онаа што работи во министерствата или во кабинетите на премиерите, управува со јавните програми и ги спроведува владините политики. Нејзините основни функции вклучуваат планирање, организирање, насочување, координирање и контролирање на владините операции за постигнување колективни цели и служење на јавниот интерес.
Светската и европската практика потврдуваат дека функционалноста на јавната администрација е условена од квалитетите на поединците, нешто што е неразделно поврзано со т.н. меритократски систем. Државите што го прифатиле меритократските принципи, како што се Народна Република Кина, САД или Норвешка, ја пополнуваат администрацијата врз основа на способности, перформанси и квалификации, а не врз основа на етничката припадност. Во Кина или Сингапур, меритократското регрутирање потврди дека го зголемува целокупното ниво на знаење и вештини на административците, нешто што се одрази позитивно и врз реализацијата на државните политики, како и испораката на услуги на граѓаните, но и способноста и капацитетот за решавање на проблемите и предизвиците.
Како функционираа досега нештата во Македонија?
Наспроти светската и европската практика, до неодамна јавната македонска администрација се пополнуваше според т.н. етнички балансер. Во согласност со овој т.н. балансер, 31,54 отсто од вработените во јавната администрација требаше да бидат Албанци, но Уставниот суд со право пресече дека оваа мерка го повредува загарантираното право на работа и слободен избор на вработување. При донесувањето на одлуката, уставните судии го зедоа предвид извештајот на Антикорупциската комисија, но и пресудата на Врховниот суд на Америка за позитивната дискриминација при универзитетот „Харвард“.
Добро упатени во оваа проблематика велат дека одлуката на македонскиот Уставен суд за т.н. балансер била исправна и одлуката на Уставниот суд е во рамките на Уставот.
Уставниот суд на Македонија одлучи дека луѓето треба да бидат третирани врз основа на нивните искуства како индивидуи, а не врз основа на етничката припадност.
Во тој контекст нашите соговорници потсетуваат дека т.н. етнички балансер беше „преседан на глобално ниво, бидејќи вработувањето според етничка припадност е непознаница за секоја модерна држава“!
– Етничкиот балансер не само што го нарушуваше загарантираното право на работа и слободен избор на вработување туку ја доведе и јавната администрација на коленици. Во институциите се вработуваа несоодветни личности, личности што немаа квалификации или познавање на работата, а тоа само по себе се одрази негативно и сѐ уште се одразува во работата на јавната администрација. Квалитетите, знаењето и способностите немаа никакво значење при вработувањето, туку етничката припадност, нешто што може да доведе Македонија да се изучува при светските универзитети како не треба да се раководи со јавната администрација – велат нашите соговорници.
Дали новиот предлог-закон за соодветна и правична застапеност има предности?
Новиот предлог-закон за соодветна и правична застапеност е навистина прв чекор за да се овозможи непристрасност при вработувањето во јавната администрација, како и вработување врз основа на знаењето и вештините. Истовремено, според нашите соговорници, ова е можност за изградба на професионална и функционална администрација, но и гаранција дека ќе бидат застапени сите етнички заедници.
– Новиот закон за соодветна и правична застапеност ќе биде можност за успешно раководење со човековите ресурси и соодветни државните служебници. Доколку новото законско решение биде успешно спроведено, ќе се намали политичкото и личното влијание во администрацијата, а платата и унапредувањето ќе зависат исклучиво од јасни и транспарентни критериуми, а не од етничка или партиска припадност – велат нашите соговорници.
Според нив, ова е можност во администрацијата да се вработуваат компетентни кадри од сите етникуми, со предност на кандидатите според мерит-системот за заслуги и вредности, систем што е темел на предлог-законот за правична застапеност, кој вчера ја помина владината процедура.
ДУИ против новиот закон за правична застапеност и за враќање на балансерот
ДУИ продолжува да игра на етничка карта заради некои свои теснопартиски интереси. Додека беа на власт, сите обвинувања или сомнежи на нивна адреса за корупција или криминал тие исто така ги отфрлаа, квалификувајќи ги како напади на етничка основа т.е. како напади врз Албанците. (?!)
Овој пат истата причина ја подметнуваат и за предлог-законот за правична застапеност. ДУИ се изјасни дека е против законот и за враќање на балансерот, иако додека беа на власт признаваа дека „балансерот се злоупотребува и дека треба да се донесе друг закон за правична застапеност“.
Сепак, дека ДУИ и нејзините партнери во опозиција еднострано ја гледаат и оваа појава, не се грижат за пошироката перспектива на општеството и државата покажува и фактот што и јавноста и експертите и медиумите (вклучувајќи ги и оние на албански јазик) во регионот речиси и не известуваат за реакциите на ДУИ и ги игнорираат нивните аналфабетски образложенија за нивниот став.
– Демократската унија за интеграција остро реагира на предложениот нацрт-закон за правична застапеност, кој има за цел да го замени балансерот – правен и обврзувачки инструмент за одразување на демографската реалност во јавните институции – со нејасна, неефикасна и политички стерилна структура како што е „координативно тело“. Ова е обид уставната обврска да се претвори во административна фарса и да се демонтира еден од најважните столбови на Охридскиот рамковен договор: правичната и еднаква застапеност на етничките заедници. За Албанците, овој закон е штетен. И нема да запреме сѐ додека балансерот не се врати како единствен правно обврзувачки механизам за гарантирање еднаквост во администрацијата – велат од ДУИ.
Рационално необјаснива причина зошто во ДУИ се против предлог-законот за правична застапеност
Една од тежишните причини што ги споменува ДУИ за противење на законот е и тоа што во неговата подготовка учествувала и професорката Каракамишева од Правниот факултет. (?!)
– Како може Каракамишева да биде креатор на овој нацрт-закон – јавна фигура добропозната по нејзините ставови против мултиетничноста, Охридскиот рамковен договор и самиот принцип на еднаквост – проблематизираат од ДУИ.
Против законот реагира и Села, според кого „законот нема да помине“. Села вели дека „законот не ја регулира правичната застапеност на Албанците туку ја избегнува, искривува“, но не објаснува зошто мисли така. С.Р.
Законот за правична застапеност прво ќе оди на оценка во Венецијанската комисија
Од власта појаснуваат дека со новиот закон за правична застапеност, освен етничката припадност, во фокусот ќе биде и компетентноста.
Според Минчев, во администрацијата ќе се вработуваат компетентни Албанци, Роми, Турци, а законот за правична застапеност прво ќе оди на оценка во Венецијанската комисија
– Балансерот е укинат од Уставниот суд и затоа мотивот беше овој закон да го прават група уставни експерти. Моделот за правична застапеност ќе биде регулиран со подзаконски акти, но по претходни евентуални забелешки од Венецијанската комисија – најави министерот за јавна администрација Горан Минчев.
Проопозициски медиум на албански јазик „Тетова сот“ (Тетово денес) излезе со драматичен политикантско-подгревачки наслов дека „Владата на Мицковски и Вреди ја поништуваат правичната застапеност – држава без Албанци“, но во дел од медиумите на албански јазик се демантираат таквите ставови, кои се оценуваат како „обиди белото да се прикаже црно“. Албанските медиуми во регионот речиси немаат слух за обвинувањата на ДУИ. С.Р.
Како функционира светот?
Кина: Модерна Кина го наследи својот меритократски етос од империјалните испити, но денешната државна служба ја води Министерството за човечки ресурси и социјално осигурување. Годишните национални испити за државна служба проверуваат десетици илјади дипломирани студенти преку писмени тестови; успешните кандидати продолжуваат со структурирани интервјуа, проверки на биографијата и ротирачка пробација во различни министерства. На работното место, службениците се соочуваат со редовни евалуации на перформансите во однос на квантитативните цели, а унапредувањата ги комбинираат резултатите од испитите со документирани метрики за спроведување на политиките и процени на партискиот кадар.
Сингапур: Комисијата за јавни служби (КЈС) ги проверува сите групи административни, странски службеници и воени кадети преку отворени повици, тестови за способности и интервјуа во повеќе рунди. Сите високи назначувања – вклучувајќи ги и раководителите на агенции – мора да поминат низ панел на КЈС; слободните работни места се објавуваат јавно, критериумите се споредуваат во согласност со критериумите за способност и знаење.
Австралија: Според политиката за заслуги и транспарентност, сите работни места во вишата извршна служба и повеќето законски функции мора да бидат пополнети со селекција врз основа на заслуги. Агенциите објавуваат слободни работни места, свикуваат панели за заслуги (вклучувајќи барем еден надворешен член), користат структурирано составување потесен список според рамките на способностите и однапред објавуваат критериуми за избор. Отстапувањата од препораките на панелот бараат министерско образложение од премиерот – со што се обезбедува секоја одлука да може да се разгледа однадвор. Д.Ст.