Денеска, во 10 часот, во Кинотеката на Македонија ќе се одржи четвртиот по ред студентски фестивал на етнолошки филм ЕТНОФФ. Ќе бидат прикажани 14 филмови од различни делови од светот (Исланд, Турција, Германија, Макао, Хрватска, Македонија), на студенти по етнологија, антропологија, визуелни уметности и сродни дисциплини. Темите што тие ги третираат се современи, ангажирани, но честопати и семејни и интимни. Вклучени се филмови за начинот на живот во едно португалско село, за секојдневните активности на одгледувачи на лубеници во Унгарија, за човек што ја собира локалната музика во Турција за да ја спаси од заборав, за едно актерско семејство во Македонија, но и за една масовна видеоигра и искуствата на четиринаесет играчи поврзани преку неа.
Фестивалот ќе започне со проекција на филмот „Вториот напад“ на Мала Рајнхард. Меѓу насловите се: „Полиња со јагоди“ на Сајмон Фреј, Присила Расјид и Мариа Биника, „Фонтаните на Макао“ на Чеонг Кин Ман, „Мојот татко“ на Ирма Башеска-Ристовска, „Дури и астероидите не се сами“ на Џон Бјарки, „Да се биде Максут“ од Нихал Бејадинова, „Го снимаш Тито или мене? “ од Мариго Антов, Хелена Водопија, Вигор Вукотиќ и Дарко Поповски и други. Фестивалот не е спонзориран од државни или други институции и фондации туку се организира врз основа на ентузијазам и љубов кон етнолошкиот филм. Организатор е Македонското студентско етнолошко друштво (МСЕАД), а влезот на проекциите е бесплатен.