Директорката на американската Национална разузнавачка служба го смени мислењето за Иран во врска со збогатувањето ураниум
Директорката на американската Национална разузнавачка служба, Тулси Габард, најново смета дека „Иран би можел да произведе нуклеарно оружје во рок од неколку недели“. Во март годинава таа пред сенатскиот комитет (комисија) изјави дека „Иран не развива нуклеарно оружје“!
Но, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, во изјава за јавноста директно реплицираше дека „таа не е во право“, директорката на американската Национална разузнавачка служба, Тулси Габард, ги обвини медиумите дека „ги извртуваат нејзините зборови“. Сега, најново, таа вели дека верува оти „Иран би можел да изгради нуклеарно оружје за неколку недели“.
Две недели е максималниот рок што Иран го има за да постигне договор со САД
Трамп подвлече во својата изјава дека „Иран складирал огромни количества материјал“ и дека „Иран би можел да има оружје во рок од неколку недели или месеци“, при што рече и дека „САД не смеат да дозволат да се случи тоа“. Тој рече дека две недели е „максималниот“ рок што Иран го има за да постигне договор со САД.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) претходно месецов изрази загриженост дека Иран собрал доволно ураниум збогатен до 60 отсто – само еден технички чекор над нивото на збогатување потребно за производство на нуклеарно оружје, кое е 90 отсто – за да може да произведе девет нуклеарни бомби.
За потсетување, директорката на американската Национална разузнавачка служба, Габард, во март изјави дека американските разузнавачки агенции утврдиле дека Иран не ја продолжил својата програма за развој на нуклеарно оружје, која беше суспендирана од 2003 година, иако земјата има најголеми резерви од збогатен ураниум откако се направени мерења, а збогатениот ураниум е клучна компонента на таквото оружје.
Но, во саботата наутро (21.6.2025) иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека неговата земја е „апсолутно подготвена за преговарачко решение“ за својата нуклеарна програма, но дека Иран не би можела да преговара со САД доколку иранскиот народ е бомбардиран. Р.С.