Врховниот лидер на Иран Али Хамнеи / Фото: ЕПА

Некои политичко-безбедносни и воени процени за правците на (де)ескалација на политиките на официјален Техеран

Брзоескалирачкиот воен конфликт меѓу Израел и Иран не е само гол воен судир. Тој претставува и „судир на амбиции“, вели Шломо Бен-Ами, поранешен израелски министер за надворешни работи, кој е потпретседател на Меѓународниот центар за мир во Толедо. Во контекст на оваа констатација, во неговата опсервација во „Проџект синдикејт“, Шломо Бен-Ами додава дека „Иран се стреми да стане нуклеарна сила“, додека „израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху копнее да биде запаметен како израелски лидер што категорично ја спречи нуклеарната програма на Иран, која ја смета за егзистенцијална закана за опстанокот на Израел“…

Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, со воинствени повици во вонредното обраќање до нацијата

„Иран ќе остане цврст и нема намера да се предаде“, изјави врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, во вонредното обраќање до нацијата.
– Нашите вооружени сили се подготвени да ја бранат татковината, со поддршка на функционерите и сите сегменти на нацијата. Ционистичкиот режим направи голема грешка и ќе биде казнет за своите постапки – порача самоуверено во јавноста врховниот лидер на Иран, Хамнеи.
Тој додаде дека „народот нема да ги заборави крвта на мачениците и нападот врз нивната територија“ и дека „Американците треба да знаат дека иранскиот народ нема да се предаде и дека секоја нивна воена интервенција несомнено ќе предизвика непоправлива штета“. Хамнеи ги осуди „заканувачките и смешни изјави на американскиот претседател Доналд Трамп“ во врска со безусловното предавање на Иран.

Но колку всушност е воено моќен Иран?

Вчерашното обраќање на врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, и најавата за жесток воен одговор од страна на Револуционерната гарда на Иран не е директен повод за светската аналитичка заедница да се занимава со прашањето колку е воено моќен и подготвен Иран. Воените аналитичари, но и светските специјализирани медиуми што пишуваат за „војна и одбрана“, одамна ја опсервираат воената моќ на Иран. А, заклучоците се движат од тоа дека воената способност на Иран е предимензионирана и дека може брзо да се распадне до заклучокот дека воениот потенцијал и мотивираност се високи, а системот, поттикнат религиски е – „жилав и непоколеблив“.
Од фактот дека иранските лидери се кријат во тунели, дека военото раководство на земјата е уништено, а експертите за нуклеарни проекти се убиени, до фактот дека веќе се назначени нови воени команданти, а Али Хамнеи секојдневно воинствено вели дека „одмаздата штотуку започнува“.
Каква е реалноста на воената моќ, тешко дека може со сигурност да се идентификува и да се предвидат наредните воени потези на Иран.

Кус пресек на она што е познато за воениот потенцијал на Иран

Доминантниот столб на иранските вооружени сили е т.н. Револуционерна гарда, попозната по кратенката ИРГЦ, корпус на Исламската револуционерна гарда, која е основана за да обезбеди дополнителна заштита на исламскиот режим во 1979 година. Револуционерната гарда (од која неколку високи функционери се физички елиминирани во првичните израелски ракетни напади врз Иран) ја надгледува иранската програма за балистички ракети.
ИРГЦ, која му одговара на врховниот лидер на Иран, има околу 125.000 војници со копнени, поморски и воздушни единици. Некои аналитичари веруваат и тврдат дека оваа бројка е многу поголема. ИРГЦ исто така командува со религиозната милиција Басиџ, доброволна паравоена сила лојална на власта, која често се користи за сузбивање на антивладините протести. Аналитичарите велат дека бројот на волонтери на Басиџ би можел да биде во милиони.
ИРГЦ, која САД ја класифицираат како терористичка група, го основа либанскиот Хезболах за да ја извезе Иранската исламска револуција и да се бори против израелските сили што го нападнаа Либан истата година.

Какви се воените капацитети на ИРГЦ?

ИРГЦ има копнени, воздушни и поморски капацитети и ја надгледува иранската програма за балистички ракети, која експертите ја сметаат за најголема на Блискиот Исток. Тој користеше ракети за да ги погоди милитантите во Сирија и северен Ирак.
САД, европските земји и Саудиска Арабија го обвинија Иран за нападот со ракети и беспилотни летала во 2019 година, во кој беше оштетена најголемата фабрика за преработка на нафта во светот во Саудиска Арабија. Иран негираше каква било вмешаност во нападот.
ИРГЦ има свое разузнавачко крило и поседува обемна, но конвенционална борбена опрема, што се покажува со нејзиното учество во конфликтите во Сирија и Ирак.
Експертите веруваат дека нивните резерви од крстосувачки и балистички ракети имаат капацитет и дострел да ја погодат која било цел во регионот на Блискиот Исток. Според Канцеларијата на директорот на националното разузнавање на САД, Иран е вооружен со најголем број балистички ракети во регионот.
Полуофицијалниот ирански медиум ИСНА објави детали за ракетите за кои рече дека би можеле да стигнат до Израел. Меѓу нив беше и „сеџил“, која е способна да лета со брзина поголема од 16.000 километри на час и има дострел од 2.400 километри. Друга ракета, „кејбар“, има дострел од 2.000 километри, додека „хаџ касем“ може да достигне цели на оддалеченост од 1.370 километри. Иран тврди дека неговите балистички ракети се важна сила за одвраќање и одмазда против САД, Израел и други потенцијални регионални цели. Тој негира дека се стреми кон нуклеарно оружје.
Иран претходно објави дека развил напреден дрон од домашно производство наречен „мохаџер-10“, со оперативен дострел од 2.000 километри. Иранците тврдат дека може да лета до 24 часа со товар до 300 килограми.
Иран ја претстави својата прва хиперсонична балистичка ракета произведена дома во 2023 година, објави во тоа време официјалната новинска агенција ИРНА. Хиперсоничните ракети можат да летаат најмалку пет пати побрзо од брзината на звукот и можат да имаат сложени траектории, што ги прави тешки за пресретнување.
Здружението за контрола на оружјето, невладина организација со седиште во Вашингтон, тврди дека ракетната програма на Иран во голема мера се базира на севернокорејски и руски дизајни и има помош од Кина. Притоа се наведува дека меѓу балистичките ракети со краток и среден дострел на Иран е и „Шахаб-1“, со проценет дострел од 300 километри.
Иран има крстосувачки ракети како што е „Х-55“, оружје способно да носи нуклеарни боеви глави, кое се лансира од воздух и има дострел до 2.900 километри. Напредната противбродска ракета „халид фарџ“, со приближен дострел од 300 километри, е способна да носи боева глава од 1,1 тон.
Проблемот на Иран е неговата застарена воена авијација, која нема никакви шанси во битки „еден на еден“ со далеку посилна непријателска авијација. САД штотуку преместија модерни ловци Ф-35 на Блискиот Исток, во своите бази, не само поради заканата туку и поради најавената акција. Р.С.


Соработка и координација на Иран со други воени групи на
Блискиот Исток:

Кој ја сочинува т.н. оска на отпорот кон Израел?

Официјален Техеран ги поддржуваше групите што ги нападнаа Израел и бродовите во Црвено Море. Тие се градени со иранска поддршка со децении, а групите се опишуваат себеси како дел од оската на отпорот кон Израел и американското влијание на Блискиот Исток.

Оската на отпорот ги вклучува:

1. Палестинската група Хамас

2. Движењето Хезболах во Либан

3. Движењето Хути во Јемен, како и разни вооружени групи во Ирак и во Сирија

Либанскиот Хезболах беше основан од страна на ИРГЦ во 1982 година за борба против израелските сили што го нападнаа Либан таа година.
Движењето Хути воспостави контрола врз големи делови од Јемен за време на граѓанската војна што започна во 2014 година, кога ја собори владата поддржана од Саудиска Арабија, главниот ривал на Иран за доминација во регионот. Хутите долго време одржуваат пријателски односи со Иран. Нивната последна објава е дека ќе нападнат цели во Израел за да му помогнат на нападнатиот Иран. Движењето објави кон крајот на октомври 2023 година дека влегло во конфликтот во Газа со испукување беспилотни летала и ракети кон Израел, а подоцна нападнало бродови во јужниот дел на Црвено Море. САД веруваат дека ИРГЦ помогнала во планирањето и извршувањето на нападите со ракети и беспилотни летала врз Хутите, но Иран негира каква било вмешаност. Хутите негираат дека се ирански посредник. Р.С.