Деновиве се одбележуваат 82 години од стрелањето на 12 младинци од страна на бугарската окупаторска фашистичка војска и полициски сили во близината на Моклиште, кај месноста Чаир. И покрај обидите на бугарската историографија да го релативизира овој крвав настан, маскарот во близината на селото Ваташа во националната меморија на македонскиот народ останува запаметен како едно од најкрвавите дејанија на Царска Бугарија против македонското цивилно население во Втората светска војна. Историјата потврдува дека стрелањето на Македонците од селото Ваташа е резултат на обидите на бугарските окупаторски власти да го спречат народноослободителното движење на македонскиот народ, движење што беше поставено врз принципите на афирмација на македонскиот национален и политички индивидуалитет, правото за самостојност на македонскиот народ, борбата за признавање на националната самобитност на Македонците, како и борбата за афирмација на македонскиот јазик.
Царска Бугарија сѐ повеќе посегнувала кон воени и полициски мерки против цивилното население
Ванчо Стојчев во својот труд „Бугарски окупациски систем во Македонија 1941-1944 година“, врз основа на историски документи и факти, потврди дека бугарската влада во Втората светска војна гледала како на поволен момент за реализација на вековниот бугарски сон – Санстефанска Бугарија, односно окупација на Македонија и целосно бугаризирање на Македонија и македонскиот народ. Еден од условите на Софија за приклучување на царска Бугарија кон таборот на нацистичка Германија и фашистичка Италија бил присоединувањето на Македонија. Оттука во делот од Вардарска Македонија што бил заземен од германската армија била воспоставена бугарската окупаторска власт со донесување воен, полициски и административен апарат, кој потекнувал речиси исклучително од бугарската територија. Бугарските власти започнале и со обиди за асимилација на македонскиот народ преку образовниот систем, односно преку содржини што имале цел да ги воспитуваат и најмладите Македонци во бугарски национален дух.
Обиди за асимилација на Македонците се правеле и преку организациите што имале цел да всадат бугарско национално чувство, но и да ја прошират фашистичката идеологија. Бугарските окупаторски власти честопати ги злоупотребувале најзначајните датуми од македонската историја преку организирање манифестации што имале нагласен бугарски национален белег и стремеж за докажување на нереалните историски бугарски корени на Македонија и Македонците. Во таа активност се вклучил и бугарскиот цар Борис, кој посетил повеќе македонски градови обидувајќи се да прикаже дека царска Бугарија ги ослободила Македонија и Македонците.
Меѓутоа негаторската и асимилаторската политика на бугарските окупаторски власти кон Македонците предизвикале отпор, отпор од кој ќе произлезе антифашистичката народноослободителна борба, како една од суштинските етапи во народноослободителната борба на македонскиот народ и неговите стремежи за формирање сопствена македонска држава. Затоа царска Бугарија сѐ повеќе посегнувала кон воени и полициски мерки и биле донесени засилени воени и полициски единици, кои биле специјално обучувани за борба против припадниците на македонските партизански одреди.
Бидејќи бугарските окупаторски власти не можеле да ја контролираат ситуацијата, започнале да користат репресивни методи против Македонците, кои преку народноослободително движење отворено го истакнале своите антифашистички принципи, со што застанале на страната на антихитлеровскиот сојуз во Втората светска војна.
Гледајте, не седнувајте!
Поради засилените дејства на македонските партизански единици, во летото 1943 година бугарската армија и полициски сили презеле голема воена офанзива против партизанските сили во Тиквешијата, во која биле застрелани околу 60 селани. На 15 јуни 1943 година бугарска воена единица во селската крчма во Ваташа проследувала дванаесетмина младинци. При испрашувањето било утврдено дека младинците на различни начини им помагале на партизаните во Тиквешијата, поради што било наредено нивно стрелање. Биле изведени на околу два километра од Ваташа со уште две девојчиња и таму биле застрелани. Девојчињата биле поштедени и тие се единствените сведоци на стрелањето на Диме Чекоров (18), Пано Џунов (18), Ристо Ѓондов (18), Блажо Ицев (18), Перо Видев (15), Пано Мешков (15), Ферчо Поп Ѓорѓиев (22), Васил Аџи Јорданов (26), Ванчо Гурев (18), Перо Ампов (18), Герасим Матаков (17) и Илчо Димов (18).
За немилите настани во Ваташа раскажува и Нада Ицева Јанева, сестра на Блаже Ицев.
– Јас веднаш истрчав по нив, но постојано ме враќаа назад до мостот. Бидејќи имав само 12 години, постојано се враќав колку што можам поблиску и некако разбрав дека ако се слушне истрел, младинците ќе бидат стрелани. Истрчав дома и веднаш ѝ кажав на мајка ми дека ќе ги отепаат. Таа само ме искара со зборовите: „Молчи, името пусто да ти остане, само ќе ги заплашат и ќе ги интернираат“. Кога младинците излегоа од меаната во колона еден по еден, под силно воено обезбедување, беа однесени во месноста Моклиште, а ние останавме во селото, во исчекување што ќе се случи. Наскоро се слушнаа истрели, селаните и семејствата знаеја дека е извршено злосторство. Кога сестра ми Ката влезе во дворот, изнемоштена падна. Мајка ми ја праша каде е Блаже, а таа со плачење одговори дека е стрелан. По толку години, и сега со силна болка се сеќавам на таа слика и на зборовите на Ката дека Блаже по рафалното пукање сѐ уште бил жив, но Бугарите со бајонети го убиле пред нејзини очи извикувајќи: „Гледајте, не седнувајте комунистки, гледајте“. Родителите и другите селани истрчаа во Моклиште, но под силна закана дека ќе го запалат селото можеа само набрзина со гранки и со лисја да ги прекријат телата и да ги покријат со земја. Мајка ми не ми дозволи и јас да отидам таму, ми нареди да донесам алишта за Блаже, а јас уплашена, не знаејќи што да земам, избрав голем куп алишта, но, за жал, не успеав да ѝ ги однесам на мајка ми – раскажува Нада Ицева Јанева.
Во спомен на немилиот настанот е изградена спомен-костурница на стреланите 12 младинци од Ваташа, која е откриена на 11 октомври 1961 година. На јужниот ѕид на споменикот е запишано: „Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани, уште тоа утро во иднината“. На местото на стрелањето е подигнат спомен-парк, а во него се посадени 12 јавори како симбол на стреланите младинци. Настанот исто така е опеан и во песната на Лазар Манчевски „Ми заплакало селото Ваташа“. Д.Ст.