Фото: „Нова Македонија“

Стапките од 3-4 отсто раст на БДП се мошне охрабрувачки, а покажуваат и волја за удвојување преку поширока општествена мобилизација

Значи, можело Македонија да напредува побрзо од досегашното. Досегашните стапки на економски раст навистина охрабруваат. Тоа е сигнал дека овде не треба да запреме, туку се открива еден скриен потенцијал дека може и натаму да има динамизирање на стапките за економски раст, меѓутоа, и за ова ќе ни требаат широка општествена мобилизација и активирање алатки што не се „чисто економски“.

Како натаму?

Какви се изгледите за уште позабрзан економски раст и колку проценти се доволни за да ги достигнеме европските земји? Ова се чести прашања за домашната економија, но и покрај многубројните совети и сугестии како до подобри перформанси на економијата, на терен сѐ уште потешко се остваруваат посакуваните стапки.

Новиот гувернер на Народната банка на Македонија, Трајко Славески, истакнува дека стапките на раст од 3 отсто за оваа и 4 проценти за следната година се реални и остварливи, но не и доволни за Македонија.
– Таа стапка на раст е блиску до она што ние го нарекуваме или го мериме како потенцијален раст – односно способноста на економијата, доколку ги искористите сите ресурси, да ја постигне таа бројка. Тоа не значи дека е задоволителна – појаснува гувернерот.

Славески истакнува дека на Македонија ѝ се потребни повисоки стапки на раст доколку сака сериозно да ги намали невработеноста, сиромаштијата и да ги приближи животните стандарди до просекот на Европската Унија.
– Овие стапки се реални. Податоците се охрабрувачки, особено растот на индустриското производство, што укажува дека е можно да се реализираат 3 отсто годинава и 4 проценти следната година – потенцираше гувернерот.

Иако ова е позитивен сигнал, Славески нагласи дека се неопходни поагресивна економска политика и структурни реформи за да се излезе од зоната на скромен раст и да се премине на одржлив развоен пат.

Македонија многу години се бори со ниски стапки на економски раст, што, секако, е причина за нискиот животен стандард на граѓаните, но и за одливот на граѓани, тенденција што никако не се стопира.

Иако имаме забележителен раст на економијата, сепак, истиот тој е далеку под посакуваните стапки, односно под стапките што би овозможиле приближување кон стандардот на Европејците.

Фискална стратегија на Владата за периодот 2026-2030 година

Во согласност со најновата Фискална стратегија на Владата, која се однесува на периодот 2026-2030 година, се планираат подобрување на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација, подобрување на управувањето со јавните финансии и високо ниво на капитални расходи.

Деталите од стратегијата откриваат дека за разлика од претходните планови, со новите ќе се зголемат потребите за странско и домашно задолжување, како резултат на зголемени буџетски потреби за финансирање на капиталните инфраструктурни проекти.
– И покрај зголемувањето на странското и домашното задолжување, нивото на државен и јавен долг како процент од БДП проектирано во Стратегијата за управување со јавниот долг 2026-2030 бележи тренд на благо намалување, како резултат на ревидираните проекции за повисок раст на БДП – е посочено во стратегијата.

Од табелите во неа може да се забележи дека за следниве години надлежните очекуваат постојан раст на бруто-домашниот производ, кој би требало да достигне високи 4,8 проценти во 2029 година, но и намалување на невработеноста и раст на просечната плата.

Се прогнозира дека растот на македонската економија ќе се забрза од 3,7 проценти во 2025 година на четири проценти во 2026 година и дека ќе има просечен раст од 4,7 проценти во периодот 2026-2030 година.

Дополнително нивните проекции предвидуваат дека благодарение на зголемената економска активност во 2025 година се очекува раст на вработеноста во периодот 2026-20230 година со побрзо темпо од досегашното. Нивните очекувања се дека оваа година ќе ја завршиме со 11,1 отсто невработеност, следната со 10,1 проценти, веќе во 2027 невработеноста ќе спадне на 9 отсто, па на 7,6 проценти, за во 2030 да биде 7,2 отсто.

Динамизирањето на економскиот раст треба да биде мисија на целокупното општество

„Нова Македонија“ во неколку наврати во минатото укажуваше дека стапките на раст на домашната економија со политиките на претходната влада се навистина многу ниски и дека со нив со децении (дури и векови) ќе каскаме зад европскиот (просечен) стандард.

Динамизирањето на економскиот раст треба да биде мисија на целокупното општество, за да достигнеме раст преку кој ќе фатиме приклучок до високоразвиените земји. А, еве, и една споредбена опсервација.

Имено, за потсетување… Во првите два квартала на минатата 2024 година, домашниот БДП достигна раст од (само) 1,2 отсто, односно 2,3 проценти, но потоа во третиот, а особено во четвртиот кога достигна 3,2 проценти почна да ја враќа надежта кај економистите.

Сепак, за земја како Македонија, недозволиво е да имаме стапки на економски раст од 1 до 2 проценти. Зошто тоа е премалку? Имено, ако трендот на економскиот раст на Македонија се движи околу 2 отсто, а наедно и Европа продолжи да расте со 2 отсто, тогаш само би се продлабочувал јазот и ние никогаш не би го стигнале нивото на ЕУ!
Според експертите, јазот ќе стане уште поголем и Европа ќе се оддалечува од нас доколку останеме со овој тренд на раст на БДП! Имено, посликовито кажано, ако останеме на нашиот раст на БДП од 2 отсто, тогаш станува повеќе од јасно дека Европа само драстично ќе се оддалечува од нас (затоа што раст од 2 отсто на европскиот просечен БДП по жител што е 44.000, не е ист со нашиот раст од 2 отсто на речиси 8.000 евра БДП по жител). Така, ние никогаш нема да можеме да го стигнеме нивото на ЕУ! (Нам ни треба двоцифрен раст на економијата, односно БДП.)
Натаму, ајде да земеме друга калкулација, во која хипотетички Македонија ќе успее да оствари раст од 6 отсто (што досега ни бил највисокиот раст на БДП, во 2007 година), а (хипотетички повторно) Европа да стагнира и да остварува раст од 1 до 2 отсто. Во овој случај, можеби би ни биле потребни триесетина години за да се доближиме до животниот стандард на Европската Унија, но повторно доколку ЕУ стагнира и нема раст (што е далеку, дури предалеку од реално да се случи – ЕУ 30 години економски да стои, односно да стагнира…), што значи дури и со нереални хипотетички претпоставки, повторно сме далеку речиси половина век од остварување БДП што ќе го има ЕУ.

Затоа, новите стапки на раст годинава значајно се охрабрувачки. Новите реформски политики се исклучително есенцијални, а нивната операционализација животно – неопходна. Е.Р.