Вечерва, во 19.30 часот, во изложбениот салон на Македонската академија на науките и уметностите, асоцијацијата за култура ИКОН, во соработка со МАНУ, ќе ја отвори изложбата „Три приказни“, посветена на 90 години од раѓањето на австрискиот уметник Бернхард Холеман (1935–2020) – голем пријател на Македонија и автор со длабока визуелна и духовна поетика.

На изложбата ќе бидат претставени дела создадени во Македонија, распоредени во три тематски циклуси: Богомолки – посветен на симболиката на инсектот богомолка; Во слава на виното – омаж на виното како културен и духовен симбол; Свети Наум како ликовен сон – инспириран од манастирскиот простор на Охрид. Оваа изложба претставува ретка можност публиката да се запознае со уметност што ги поврзува природното, човековото и трансценденталното. Делата на Холеман се сведоштво за креативниот дијалог меѓу Австрија и Македонија и придонес кон европската културна сцена.