Нешто ново од современата македонска уметност и прва македонска изложба од ваков вид може да погледне српската публика во галерискиот простор на нашиот КИЦ во Белград. Изложбата насловена „Живи артефакти (АР) тистика“ претставува средишно место во кое се среќаваат традицијата, технологијата и новите медиуми. На оваа повеќедимензионална, интерактивна и мултимедијална интервенција во просторот, презентирани се уметнички дела инспирирани од нашето богато материјално и нематеријално културно наследство, како и од мотивите на македонските народни носии, а делата се трансдисциплинарни и меѓусебно поврзуваат повеќе уметности: архитектура, скулптура, музика, филм, дигитална анимација, поезија и визуелна уметност.

Концептуално, изложбата претставува продолжение на првонаградените мултимедијални дела на уметникот од последното издание (2024 година) на реномираното и во светски рамки познатото биенале „Остен“.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам, а ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.