ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (347)
Душан Шуица (1)
Симпатизерите на Вардар сигурно се сеќаваат на голгетерот што во 70-тите години на минатиот век во две сезони беше прв стрелец на тимот. За четирите години, колку што настапуваше за Вардар, ја освои публиката и стана нејзин миленик
Има фудбалери што продефилирале во нашиот најпопуларен и најтрофеен клуб Вардар, кои поради она што го оставиле зад себе никако не смее да се заборават. Нивните имиња треба да се чуваат како нешто свето, како нешто што ќе ги потсетува идните генерации оти тука, во Вардар, имало фудбалери што ја граделе историјата на клубот оставајќи силен печат на времето во кое на свој грб ја носеле сета фудбалска тежина. Еден од оние што, иако не толку долго – само четири години, бил во тимот на Вардар, во едно тешко време кога клубот се борел за гол живот, па дури се преселил од Првата во Втората југословенска лига, е Душан Шуица.
Верувам дека оние најверните навивачи на Вардар го носат споменот на него и се сеќаваат на пргавото момче, кое дојде од косовски Липљан, да ги брани боите на скопскиот клуб. Потоа, иако настапуваше и за други екипи, тој не се раздели од Скопје. Остана во градот во кој доби многу пријатели, тука и се ожени, создаде семејство, во кое двете ќерки со нивните деца ги продолжуваат сеќавањата на нивниот татко и дедо. И јас, кога ги пишувам овие редови малку сум носталгичен, зашто како новинар, кога Шуица дојде во Вардар, бев еден од првите што објавија подолг текст за него во „Нова Македонија“.
Многумина во тоа време сметаа дека со епитетите што му ги поделив малку сум претерал, но не беше така. Јас ја кажував вистината до која дојдов читајќи ги извештаите за неговите настапи во Призрен и пред сѐ во Приштина, во кои постојано беше потенцирано неговото име. Во сите тие извештаи највпечатлив беше оној дел, во кој известувачите за да ги истакнат неговите квалитети го споредуваа дури и со германскиот голгетер Герд Милер. И навистина Шуица по многу нешта, почнувајќи од неговата конституција, снаодливоста, брзината и чувството за гол, потсетуваше на идолот на германските љубители на фудбалот.
– Беше одличен фудбалер, а пред сѐ добар човек. Тој беше физички силен, иако не многу висок, но беше како ѓуле. Кога ќе тргнеше во напад ретко која одбрана ќе можеше да го сопре. Беше опасен, би рекол жесток на теренот. И што е интересно за него, колку што беше жесток и опасен на фудбалскиот терен, во приватниот живот беше мирен, весел и секогаш расположен за дијалог. Душан беше навистина душа од човек, кој до крајот на животот му остана верен на Скопје, градот во кој преку Вардар ја доживеа својата фудбалска афирмација – се сеќава на него долгогодишниот капитен на Вардар, Кочо Димитровски.
Со Шуица, две години пред да почине, во 2017 година, во рамките на серијалот посветен на македонските спортски легенди, што се емитува на Наша ТВ, снимив емисија во која опширно зборуваше за себе и за својата кариера.
Како што вообичаено го правам тоа и овој пат ќе извадам фрагменти од емисијата, кои се интересни за читателите и преку кои ќе се добие вистинска слика за тоа каков човек и фудбалер беше Шуица.
Беше незапирлив, како шило
Моите колеги што го следеа Вардар, за Душан Шуица имаа само пофални зборови. Сите тие, како мене, одвај чекаа да дојде до топката и како виор да полета кон противничкиот гол. Често со помош од соиграчите, некогаш, пак, сам ги решаваше и најкомпликуваните ситуации.
Имаше чувство за фудбалот, знаеше во вистински момент да го избере најдоброто решение. Оваа негова особина ја знаеја и тренерите, кои токму поради тоа посакуваа да го видат во својот тим. Тој во еден период беше интересен и за клубовите од големата четворка, но поради сплет на околности не дојде во некој од нив. Инаку, најблиску беше до Партизан, со кој имаше и преговори.
– Јас се забавувам во играта. Фудбалот за мене не е само спорт преку кој ја обезбедувам егзистенцијата, туку игра во која се разонодував и сакав истата разонода да им ја пренесам и на гледачите. Можеби поради тоа, кога дојдов во Скопје, ме прифатија како тука да сум живеел со години. Тие почувствуваа оти воопшто не се штедам и од срце играм за Вардар. Впрочем, таков е и мојот карактер, ако се нафатам на нешто, тогаш одам докрај – рече во емисијата Душан.
Уште еден вардаров ас го отсликува карактерот и фудбалскиот квалитет на Душан Шуица.
– За Душан имам само убави зборови. Тој беше добар фудбалер, но и човек со сите доблести. Накусо кажано тој беше играч со кој многу лесно се поставуваше комуникација на теренот, па и надвор од него. Ние веднаш видовме дека се работи за многу квалитетен фудбалер и уште од првите моменти, откако го облече вардаровиот дрес настојувавме да форсираме игра преку него. Шуица, покрај чувството за гол, беше снаодлив и многу брз. Тој знаеше во секој момент да изреагира на адекватен начин и да ги фрли во очај противничките одбранбени фудбалери. Залудни беа нивните напори да го сопрат, зашто тој беше како шило, не се знаеше кога и како ќе тргне кон противничкиот гол. Едноставно беше незапирлив – вели Ѓоре Јовановски, кој, исто така, беше еден од актерите во емисијата посветена на Шуица.
Две сезони прв стрелец на Вардар
Она што го кажаа за Шуица неговите соиграчи од вардаровото време Кочо Димитровски и Ѓоре Јовановски е потврдено и со непобитниот факт, оти тој во две сезони беше прв стрелец на клубот.
– Кога дојдов во Вардар, а тоа беше во 1973 година, веднаш покажав зошто сум дојден во најпопуларниот македонски клуб. Јас бев дојден да постигнувам голови, а клубот да освојува бодови. Така и беше, основната работа што требаше да ја извршувам беа головите. Набрзо за мене се расчу во поранешната држава, па, така, пред да се сретнат со Вардар, тренерите на противничките тимови кроеја тактика како да ме сопрат и да не ми дозволат лесно да доаѓам во позиција за шут. Некогаш им успеваше да ме неутрализираат, но некогаш не. Често знаев да ги изненадам со некој дури и за мене неочекуван и незгоден удар. Откако топката ќе завршеше во мрежата, некогаш и самиот се прашував како сум успеал во тоа – зборуваше во емисијата Шуица.
Душан Шуица беше задоволен од стартот, а беше уште позадоволен на крајот од сезоната 1973/74 во која на 33-те натпревари на кои настапи постигна 12 гола и беше прв стрелец на Вардар.
Но уште поинтересен е фактот што Вардар токму поради подобрата гол-разлика го заврши првенството на 11. место со 31 бод, колку што имаа уште пет екипи, Војводина, Пролетер, Сараево, Раднички и Бор, но токму поради подобрата гол-разлика и головите на Шуица, Вардар беше пред нив на прволигашката табела. Инаку, втор стрелец во истиот шампионат беше легендарниот Методие Спасовски, кој постигна осум гола и на тој начин даде голем придонес за конечниот пласман на Вардар.
Втора сезона во која Шуица беше најпрецизен вардарец во Првата лига беше 1975/76. Тогаш постигна шест погодока, два повеќе од второрангираниот Кочо Димитровски. Но, за жал, во таа сезона се случи Вардар да биде претпоследен на табелата, што значеше преселување во Втората лига.
Тоа беше голем удар за сета фудбалска јавност во Македонија, која очекуваше барем во следната година Вардар брзо да се врати онаму каде што му е местото. Но за жал на големата армија навивачи, тоа не се случи и скопскиот тим не само таа туку и во следните неколку сезони не успеваше да се врати во прволигашкото фудбалско друштво. Конечно, под водство на некогаш најдобриот југословенски и европски фудбалер Стјепан Бобек, кој тогаш беше тренер на Вардар, а кој беше засилен и со неколку талентирани млади македонски фудбалери, во натпреварувачката сезона 1978/79 повторно се врати во елитата.
Душан Шуица тогаш не беше во Вардар. Тој по онаа малерозна година кога испадна од Првата лига, го напушти клубот и фудбалскиот пат го продолжи во други средини. Идната недела ќе опишам дел од кариерата по заминувањето од Вардар, а ќе се потсетиме и на оние највозбудливи натпревари, кога со головите на Шуица скопјаните ги освојуваа бодовите.
Душан Шуица
Роден: во 1947 година во Липљан, почина во 2019 година во Скопје
Кариера: ФК Липљан, Лирија (Призрен), Приштина, Раднички (Крагуевац), Вардар, Рудар (Велење), Работнички и Југококта (сегашна Македонија Ѓорче Петров)
Успеси: Две сезони прв стрелец на Вардар во Првата југословенска лига, 1973/74 и 1976/77. На 80 првенствени прволигашки натпревари постигна 26 гола за Вардар