Свети Стефан / Фото: Каролина Мицевска

Црна Гора

Црна Гора планира производство на беспилотни летала – дронови. Оваа констатација, која во прилог содржи и конкретен план за овој проект, официјално за јавноста ја лиферува Владата на Црна Гора. Во придружниот документ, исто така се констатира дека проектот ќе биде во соработка со компанија од САД, а првата серија ќе биде донирана на Украина. Владата на Црна Гора ќе издвои средства за основање производствен погон за беспилотни системи со компанијата „Бај Лајт“ и нејзиниот партнер 4ВИНДС ЛЛЦ, кои ќе основаат заедничка компанија на територијата на Црна Гора. Исто така, во документот пишува дека се предвидува користење на компании од Црна Гора и регионот (?!) за тестирање воздушни и подводни технологии на беспилотни системи. Две компании од Црна Гора се опфатени во овој проект што се занимаваат со производство на воена опрема и експлозиви – „Тара аероспејс“ од Мојковац и „Полимекс“ од Беранe. Тие претходно беа делумно или целосно во државна сопственост, но оттогаш се приватизирани. Имено, Владата на Црна Гора задржа 12,5 проценти од акциите во „Тара“, компанија специјализирана за системи за воздушна безбедност, а минатата година ја заврши со профит од над 8,6 милиони евра. Исто така, компанијата од Беране, „Полиекс“, која се занимава со производство на експлозиви, исто така минатата година имаше профит од над 4,2 милиони евра.

Интересно е што Владата на Црна Гора веднаш се согласи да ја донира првата серија од раното производство на беспилотни системи на Украина. За потсетување, Црна Гора – членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија – ѝ обезбеди на Украина воена помош од 11,3 милиони евра на Украина, и воведе санкции врз Русија… Црна Гора и Украина неодамна се согласија за „текст на десетгодишниот договор за соработка“, кој се однесува на поддршка во случај на оружен напад, инвестиции во одбранбената индустрија, разузнавачка соработка и обнова на Украина, но договорот сè уште не е потпишан. Р.С.