Ретроградните сили и во 21 век се обидуваат да негираат нечиј идентитет, јазик, историја и култура
– Сите блокади пред кои Македонија се најде испречена во овие 35 години независност беа со една и единствена цел, духот на македонството да остане засекогаш затворен и избришан од сеќавањата на идните генерации Македонци, кои ќе растат несвесни за сопствениот идентитет, и на тој начин македонското прашање конечно да се затвори. Но и низ историјата секогаш се покажувало дека ништо не може да ја уништи Македонија без оглед колку напор и труд да се вложувале во тоа, на крајот таа секогаш повторно и повторно се појавувала пред истите тие што го посакуваат нејзиното исчезнување
– Очигледно досега многумина и не ја знаеле добро македонската страна на приказната, па сега кога и самите гледаат какви се намерите на оспорувачите на македонскиот идентитет, не можат, а да не се спротивстават на антицивилизациските постапки на земји што себеси се сметаат за демократски, а работат спротивно на основните демократски начела и на меѓународното право
Сите блокади пред кои Македонија се најде испречена во овие 35 години независност беа со една и единствена цел, духот на македонството да остане засекогаш затворен и избришан од сеќавањата на идните генерации Македонци што ќе растат несвесни за сопствениот идентитет и на тој начин македонското прашање конечно да се затвори.
Но и низ историјата секогаш се покажувало дека ништо не може да ја уништи Македонија без оглед колку напор и труд да се вложувало во тоа, на крајот таа секогаш повторно и повторно се појавувала пред истите тие што го посакуваат нејзиното исчезнување.
И додека некој мислеше дека со Договорот за добрососедство и со Преспанската спогодба конечно е ставен крај на македонската кауза, на крајот излезе дека духот на Македонија и нејзината вистина сега се присутни секаде, да може да ја слушнат Европа и светот, да слушнат за желбата на еден мал народ да биде прифатен онака како што со векови се чувствувал, како македонски народ со свој македонски јазик, своја македонска историја и култура. Очигледно многумина досега и не ја знаеле добро македонската страна на приказната, па сега кога и самите гледаат какви се намерите на оспорувачите на македонскиот идентитет, не можат, а да не се спротивстават на антицивилизациските постапки на земји што себеси се сметаат за демократски, а работат спротивно на основните демократски начела и на меѓународното право.
Проактивноста клучна за афирмација на македонските позиции
Причините зошто повторно духот на македонството излезе на меѓународната сцена лежат исклучиво во проактивната државна дипломатија, која по седумгодишно чмаење и покорување на барањата на соседите, конечно истапи онака како што треба, во заштита на македонскиот идентитет и интереси.
Координираниот настап на целиот државен врв со една јасна цел, да се изнесе македонското прашање пред сите релевантни фактори, даде резултат затоа што беа употребени сите можни алатки што помагаат при афирмацијата на одредени решенија понудени од македонска страна во насока на откочување на евроинтеграциите.
Имено, додека дипломатијата лобираше и градеше стратешки сојузи со голем број земји пријатели на Македонија за подобро да ја објасни македонската позиција зошто не се прифаќаат уставните измени под вакви услови, не седеа со скрстени раце ниту другите институции.
Претседателката на државата во секоја можна пригода јасно и без никакво заобиколување истакнуваше дека македонството не е закана за никого, туку суверено право на еден народ за самоидентификација. Тие пораки јасно одекнаа и од говорницата на Обединетите нации, но и на средбите со многубројни европски и светски државници.
Истата кампања продолжи и преку таканаречената културна дипломатија, каде што македонските уметници низ светот ги промовираа македонската култура, музика, фолклор, како јасна потврда дека македонскиот народ има вековна традиција, која била пренесувана од колено на колено. Стоечките овации, аплаузи, признанија добиени на многу светски сцени, говорат јасно дека македонската култура има свој посебен идентитет што ја разликува од сите други и како таква е прифатена од сиот слободоумен свет.
Свој удел во будењето на духот на македонството има и верската дипломатија, која ја претставува Македонија како држава во која на најдобар можен начин функционира меѓуверската толеранција. Таа верска дипломатија е присутна секаде каде што традиционалната дипломатија ги нема потребните канали за лобирање и работи во насока на остварување на македонските цели.
Македонија во минатото имаше такви искуства, кога благодарение токму на таа дипломатија инспирирана од религиски врски овозможи остварување на македонско-американски контакти на највисоко ниво во моменти кога тоа беше од исклучителна важност за земјава.
Посетата на сега покојниот папа Франциск на земјава исто беше резултат на активностите, меѓу другото, и на таа верска дипломатија, а пораките што тој ги упати за Македонија и македонскиот народ беа јасна потврда за засебниот македонски идентитет токму во време кога се засилија идентитетските атаци од околните земји.

Гласањето во АФЕТ закажано за 24 јуни
Најдобрата потврда дека е разбуден духот на македонството е неодамнешната расправа во Европскиот парламент поврзана со извештајот за напредокот на земјава. Имено, она што обично е техничко прашање што се сведува на напредокот во делот на владеењето на правото, борбата со корупцијата, човековите права, заштитата на околината и слично, се претвори во расправа на негирање на македонскиот идентитет.
Бугарските и грчките европратеници јасно ги покажаа вистинското лице и намерите на државите што ги претставуваат, да не се спомнува никаков посебен македонски идентитет, уште помалку тој да има повеќевековна традиција. Македонци да, но од 1944-та или по 2018 година како „северномакедонци“. Ваквите ставови изнесени од говорница на европска институција во 21 век се срам за држави што се членки на ЕУ, чии негаторски ставови се исти со некои темни сили од минатото.
Под силен притисок на бугарските европратеници, кои се противат на деловите во извештајот каде што стои македонски народ и македонски јазик, известувачот Томас Вајц завчера го одложи гласањето во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) за усвојување на извештајот за земјава за 24 јуни. Лично тој смета дека извештајот е вистински приказ на македонските состојби, но сепак остава простор сите други да ги изнесат забелешките во претстојниот период, па потоа да следува гласањето. Потегот на Вајц е одраз на неговата демократска култура, за разлика од некои европратеници, кои очигледно никогаш не излегле од матрицата на нивните официјални политики стари и повеќе од 100 години.
Амбасадори: Европа ги виде вистинските бугарски намери
Очигледно расправата во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент покажа дека е разбуден македонскиот дух и дека неговите негатори се обидуваат од петни жили повторно да го вратат назад така што ќе ја запечатат македонската судбина.
Од друга страна, цела Европа во средата можеше точно да ги види вистинските бугарски намери, дека тоа не се никакви европски принципи или малцински права за 3.000 македонски граѓани со бугарска самосвест во Македонија, туку јасна намера за бришење на македонскиот идентитет и на неговиот историски континуум.
Амбасадорот Ивица Боцевски и поранешен специјален претставник при унгарското претседателство во ЕУ, одложувањето на гласањето во АФЕТ го оцени како огромна победа на македонската дипломатија во една огромна битка, која се однесува на прашањето да се изнесе на виделина кој е бугарскиот став.
– Сега, целата европска јавност може да гледа дека единствено нешто што е спорно е токму самото постоење на македонскиот јазик, македонскиот идентитет, самото постоење на македонската нација. На една нација во 2025 ѝ се спори правото на постоење, и тоа ни помалку ни повеќе туку од една земја членка на ЕУ, ни помалку ни повеќе во Европскиот парламент, којшто треба да биде домот, центарот на европската демократија – рече Боцевски во изјава за медиуми по тркалезната маса на Советот на амбасадори за Планот за раст на Западен Балкан.
Според него, ова укажува дека покрај министерот Муцунски, била ангажирана целата дипломатска мрежа во насока на објаснување кои се суштинските причини зошто Македонија има проблем со бугарскиот предлог и по ова работите се извадени на чистина.
– Сега гледаме дека реалниот проблем е тоа, односно злоупотребата на европската интеграција, претворањето на европската интеграција во оружје насочено против македонскиот идентитет, култура итн. Ова не е првпат, ова е вторпат во современата македонска историја и, според мене, јасно е дека нашиот одговор на таква работа мора да биде „не“. Самата идеја на европската интеграција беше нешто сосема поинаку, а гледаме од скорешните настани што се случуваат во Украина што се случува и што може да се случи кога се спори правото на постоење на една нација – оценува Боцевски.
Тој додаде дека е јасно оти работите излегоа на виделина, се виде точно што стои зад овие барања што доаѓаат од нашиот сосед, односно стои негирање на македонската нација.
– Под тие услови се разбира дека е невозможно за македонските авторитети да пристапат понатаму и истовремено ова е сигнал од Софија дека тие не се сериозни кога станува збор за начинот на кој може да продолжи европската интеграција за Македонија, но без притоа да дојде до еден ваков лош развој на настаните – рече Боцевски.
Боцевски истакнува дека е добро што во земјава гледаме дека имаме една цела серија посети на највисоко ниво и изрази очекување ова да продолжи до крајот на овој месец.
– Ако во минатото за нешто можеме да ѝ забележиме на македонската надворешна политика е што понекогаш бевме или премногу изложени или премногу верувавме наивно на авторитетите или воопшто немавме каква било комуникација. Во моментов имаме една соодветна политика што води грижа за македонските национални интереси, не бега од комуникација, сака да се соочи и сака да ја претстави својата вистина, така што очекувам дека овој ангажман на нашата дипломатија на врвните авторитети и претседателката Силјановска, премиерот Мицкоски, министерот Муцунски ќе продолжи и понатаму и во делот на надминување на ова прашање, а исто така немам никаков сомнеж дека македонската евроинтеграција како процес секогаш течела во заднина. За Македонија никој нема забелешки во однос на суштината на евроинтергацискиот процес, туку имаат забелешки за работи што немаат никаква врска со македонската евроинтеграција – констатираше Боцевски.
Ставот на амбасадорот Зоран Јолевски и член на Советот на амбасадори е дека посебноста на македонскиот идентитет е реалност и не може никој да ја оспорува.
– Како дипломат претпоставувам дека тие во овој период сакаат да направат дополнителни консултации, меѓутоа она што е значајно е ние како држава и како регион да продолжиме со реформите, бидејќи на крајот на краиштата, реформите што ги правиме пред сѐ за нашите граѓани и за нашата економија што побрзо да се приближи и да стане конкурентна со европската економија – рече Јолевски.
И тој се согласува дека расправата во АФЕТ е наша дипломатска победа бидејќи вистината е на наша страна.
– Победата за нас е бидејќи вистината е на наша страна, реалноста е на наша страна. Ние живееме во 21 век. Да негира некој идентитет на одредена нација е несвојствено – заклучува Јолевски.