Фото:Принтскрин

Во реонот на Општина Велес постои плодна почва за производство на земјоделски производи, а вашите производи можат да се извезат во земјите од Европската Унија, нагласи евроамбасадорот Михалис Рокас, на одговор на прашање на МИА, при денешната посета на општина Велес, додавајќи дека постојат бројни механизми кои се обезбедуваат преку програмата ИПАРД за земјоделство на ЕУ.

Евроамбасадорот Рокас истакна дека како Европска унија сакаат во земјава да финансират во земјоделството.

-Сето тоа со цел вашето земјоделство да се доведе во состојба или на ниво кое соодејствува со нивото на развој на земјоделството при самото пристапување на вашата земја во ЕУ. Постојат бројни фондови коишто се дел на заедничката политика за земјоделство на ЕУ. Ние како ЕУ силно веруваме дека земјоделството може да стане дел од агротуризмот на вашата земја. За да може во иднина Велес и вашата земја да не се посетува само за историски цели, туку и заради вкусните земјоделски производи од вашите фарми и винарии, а посебно со земјоделски органски производи како здрава храна- нагласи Рокас.

Додаде дека силно верува дека со развојот на земјоделското производство ќе се зголеми и економскиот потенцијал на земјата.

Евроамбасадорот Рокас најави дека попладнево ќе посети една винарија во Велес која се финансира со проект преку ЕУ фондовите.