Концертна промоција на „Маглота“ на Јордан Костов и пријателите
На 30 јуни, од 20 часот, во големата сала на Македонската филхармонија во Скопје ќе се одржи светската концертна промоција на албумот „Маглота“ на Јордан Костов и неговите пријатели, кој е снимен во Ханој, Виетнам, во 2023 година.
Проект роден од длабоката врска со Виетнам
„Маглота“ е најновиот музички проект на Јордан, кој е роден од неговата длабока врска со Виетнам. Тоа е доказ за магијата што се случува кога музиката се испреплетува со културата. Албумот вешто ги инкорпорира традиционалните музички инструменти, кои се длабоко вкоренети во нашиот секојдневен живот. Тоа што плени е и хармоничното спојување на традиционалните виетнамски мелодии со уникатниот музички стил на Јордан Костов. „Маглота“ е енергичното музичко игралиште што постојано бара нови бои и значајни вредности што ги носи музиката. Виетнам одигра клучна улога во музичкото патување на Јордан, бидејќи тој навлезе во локалната култура и формираше силни врски со виетнамските пријатели музичари.
Солисти на овој промотивен концерт се: Јордан Костов (Македонија) – хармоника, Роман Столјар (Русија) – пијано, Бренда Охана (Бразил) – маримба, Фенг Хао (Кина) – тапани, Нилимеш Чакраборти (Индија) – табла, Монит Пол (Индија) – сарод, Бруно Тоци Теза (Бразил) – бас, како и хорот „Св. Злата Мегленска“ и солисти, а ќе диригира Летка Димовска-Полизова. Гостинка на концертот е Сузана Спасовска.
Немирен глобтротер во креативна комуникација со различни светски музики
Јордан Костов е македонски хармоникаш, пијанист, композитор, импровизатор и аранжер. Тој е немирен глобтротер што се обидува да ја надмине конвенционалната креативна комуникација со различните светски музики. Најчесто слободна во поглед на формата, музиката на Костов се движи низ и отаде рамките на џезот и различните светски музики и таа честопати се опишува како авангардна, надреална, психоделична, церебрална, ориентална и/или балканска џез-фузија, ориентален фолкџез итн. Пресвртница во неговата кариера претставуваат неговите зачестени патувања низ Далечниот Исток (Кина, Јапонија, Виетнам…), во рамките на кои тој го гради својот препознатлив израз.
Роман Столјар од Русија дипломирал џез-пијано на Музичкиот колеџ во Новосибирск и композиција на современа електронска музика на Државниот конзерваториум во Новосибирск. Бренда Охана од Бразил е тапанарка, вибрафонистка и композиторка. Живее и работи во Париз, а концертира низ светот и била дел од музички проекти во Кина, Мароко, Буркина Фасо и во Јапонија. Монит Пол од Индија е виртуозен музичар на сарод (традиционален индиски инструмент). Концертирал во Индија, Азија и во Европа. Меѓу многубројните концерти, тој настапувал во многу престижни концертни сали меѓу кои и Варшавската палата на културата. Нилмеш Чакраборти од Индија е изведувач на табла. Концертирал во поголемите градови во Индија, Бангладеш, Тајланд, Виетнам, Узбекистан, Хонгконг, Сингапур, Камбоџа, Малезија, Шри Ланка, Бахреин, Кувајт, Русија, Германија, Кенија, Јужна Африка, Бразил. На сите овие места, покрај промоцијата на индиската музика, тој одржал и многубројни работилници за свирење на табла.
„Св. Злата Мегленска“ од Скопје е женски камерен хор формиран во 1996 година при Македонската православна црква. Овој хорски состав, преку своето 31-годишно континуирано работење, стана хорски расадник и културен храм, кој со огромна љубов и посветеност ги стави сите хорски жанрови во функција на афирмирање на домашните автори, композитори и аранжери.
В.Д.