Многу сум горд на тимот, рече Андоновски по победата, пренесе Канзас сити карент, кој по девет кола води на табелата со 21 бод, четири повеќе од најблискиот ривал
ФУДБАЛ – ПРВЕНСТВО НА САД
Канзас сити карент на македонскиот тренер Влатко Андоновски го зголеми водството на табелата во американското првенство за фудбалерки, со победата на гости во дербито на врвот кај актуелниот шампион Орландо, со 1-0. Со тоа Канзас сити по девет кола сезонава води на табелата со 21 бод, четири повеќе од второпласираниот Сан Диего и пет бода повеќе од Орландо и од Портланд.
Тимот на Андоновски стана првиот во историјата на лигата што освоил најмалку 20 бода во нивните први девет натпревари во последователни сезони, пишува Канзас сити карент на својата интернет-страница. Петти пат сезонава Канзас сити одигра меч без примен гол. По девет кола, Канзас сити е најефикасен, со 19 гола и прими најмалку погодоци, шест.
– Многу сум горд на тимот. За да дојдеш тука и да победиш, не треба само да бидеш многу добар и да покажеш многу квалитет, туку и да покажеш срце. Ако не дојдете со срце, немате шанси. И денеска мислам дека покажавме срце. Сите што играа, без разлика на тоа колку минути, мислам дека придонесоа и беа голем дел во сложувалката на овој одличен резултат – рече Андоновски, пренесе Канзас сити карент. Н.М.