Денови на поезијата
Со Државниот рецитаторски натпревар на ученици од основното и средното образование од целата земја денеска ќе почне второто издание на Деновите на поезијата. Свеченото отворање ќе се одржи в понеделник, 19 мај, со почеток во 18 часот, во главниот влез на „Скопје сити мол“.
– Фактот што почнуваме со Државниот рецитаторски натпревар в сабота, пред свеченото отворање в понеделник, се должи на трагедијата во Кочани и одложувањето на Деновите на поезијата за крајот на мај. Свеченото отворање ќе им биде посветено на значајни јубилеи, од браќата Миладиновци и Прличев до Игор Исаковски, но и на македонскиот јазик и македонската азбука. По одбележувањето на јубилеите, Никола Ристановски и Игор Џамбазов, со придружба на Петар Ренџов, ќе изведат и ексклузивен поетски перформанс под наслов „Сенгор – Шопов: Паралели со допирни точки“. Од универзитетската фела, со нас ќе бидат Наташа Аврамовска и Владимир Мартиновски. Во програмата се вклучени и студенти од Факултетот за драмски уметности, од класата на Ангелчо Илиевски, и од Факултетот за музичка уметност, од класата на Драган Даутовски – велат од фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“.
Иницијално, Деновите на поезијата беа предвидени во март, но поради трагедијата во Кочани, која длабоко ја потресе и вознемири целата земја, организаторите ја одложија манифестацијата за два месеца – од 19 до 21 мај. Од тие причини, Државниот рецитаторски натпревар, во организација на Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, се одржува прелиминарно в сабота, во киното „Синеплекс“ во „Скопје сити мол“ (сали бр. 5, 7 и 9). Минатата година, кога за првпат се одржа во рамките на Деновите на поезијата, натпреварот постигна историски рекорд со учество на повеќе од 120 учесници од целата земја.
Како и во првото издание минатата година, Деновите на поезијата и овој пат ќе ги поврзат во една нишка сите генерации поети, од основоположниците, преку афирмираните современи поети, до оние што допрва почнуваат да ја градат утрешнината на македонската поезија.
Свеченото отворање на Деновите на поезијата ќе се одржи в понеделник, 19 мај, со почеток во 18 часот, во главниот влез на „Скопје сити мол“. Тоа ќе им биде посветено на значајни јубилеи во историјата на македонската поезија: Димитар Миладинов (215 години од раѓањето), Григор Прличев и Константин Миладинов (195 години), Славко Јаневски и Лилјана Чаловска (105 години), Гого Ивановски (100 години), Абдулазис Ислами, Фахри Каја и Бистрица Миркуловска (95 години), Адем Гајтани и Саме Лимани Жарноски (90 години) и Игор Исаковски (55 години), како и Георги Сталев, кој пред еден месец го прослави својот 95. роденден. Посебно место ќе заземе и јубилејот 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик и официјализирањето на македонската азбука.
За јубилеите ќе зборува Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература, а вовед во програмата на Деновите ќе даде Владимир Мартиновски, претседател на Македонскиот ПЕН-центар и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Свеченоста ќе ја води Никола Ристановски, со придружба на студенти од Факултетот за драмски уметности и од Факултетот за музичка уметност при УКИМ, од класата на Ангелчо Илиевски, и од Факултетот за музичка уметност, од класата на Драган Даутовски: Давид Димоски, Никола Ѓоргиев, Анастасија Трајковска и Антонио Трајкоски.
Омаж ќе им биде оддаден и на двајца поети што нè напуштија меѓу две едиции на манифестацијата, Линдита Ахмети и Михаил Ренџов, чиј поетски збор ќе оживее преку нивните најблиски: писателот Џабир Ахмети и музичарот Петар Ренџов, со вокална придружба на Сашо Гигов-Гиш.
По одбележувањето на јубилеите, Никола Ристановски и Игор Џамбазов, со придружба на Петар Ренџов, ќе изведат и ексклузивен поетски перформанс под наслов „Сенгор – Шопов: Паралели со допирни точки“.
Што да очекувате следните денови?
На 20 и 21 мај, на Поетската сцена и во книжарницата „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“, ќе се разговара за македонско-грчките литературни врски (Сотирис Минас и Иван Антоновски), за развојот на македонската азбука и предизвиците што таа ги отвора во добата на современите технологии (Ласко Џуровски и Јулијана Величковска) и за меѓугенерацискиот дијалог во кругот на македонските поети (Зоран Анчевски, Павлина Атанасова, Славе Ѓорго Димоски, Владимир Мартиновски, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Раде Cилјан, Санде Стојчевски и Иван Џепаровски). Во рамките на Деновите ќе настапат и поети дебитанти, избрани на повикот за учество на „Скопје СИ ТИ“, во организација на Јулијана Величковска и Андреј Медиќ Лазаревски (Јована Алексовска, Селин Есад, Христијан Илиевски, Максим Костадинов, Нино Наумовски, Милена Неделковска, Клаудио Серафиноски, Фотиј Сионис, Симона Срезовска, Бисера Стефановска, Методија Тасевски и Дарија Трендафиловска).
Новитети
Во текот на првото издание на Деновите на поезијата, во март 2024 година, публиката испиша стотина песни на „Ѕидот на поезијата“. Тој ѝ останува и овој пат на располагање. Но годинава „Скопје сити мол“ оди уште похрабро во пресрет на публиката и ја кани да чита стихови на неговата „Отворена поетска сцена: Сите сме поети!“, за што предвидува пригодни награди во „Поетското тркало на среќата“.
Новитет годинава се и настапите на ученици и гимназијалци со сопствени креации поврзани со јубилеите, како и изложба наменета за најмладите: прекрасни паноа со сите букви од „Бушавата азбука“ на Горан Стефановски и Душан Петричиќ. Ќе бидат организирани и работилници за деца на истата тема.
Со најмладите учесници на ситимолската поетска сцена ќе настапат и Викторија Кочевска, Саранда Мехмеди, Весна Мојсова-Чепишевска, Снежана Станкова, Емилија Ристановска и Билјана Црвенковска.