Гледачите би можеле да летаат на небото на Лос Анџелес за да го избегнат озлогласениот сообраќај на градот за време на Олимписките игри во 2028 година, се разбира ако организаторите успеат во своите планови.
ЛА28, комитетот задолжен за планирање на третите Летни игри во градот, објави партнерство со „Арчер авиејшн“ за обезбедување услуга за воздушно такси за време на Олимписките и Параолимписките игри. Компанијата вели дека планира да користи флота авиони за превоз на навивачите до и од местата на одржување, објави ЛА28 во четвртокот.
Летачките таксија се долгогодишен сон. Планирано беше да дебитираат на Игрите во Париз во 2024 година, но не беа сертифицирани навреме од европската агенција за безбедност на воздушниот сообраќај. Слично на тоа, „Арчер авиејшн“ сè уште не е сертифицирана од Федералната администрација за воздухопловство на САД, што значи дека авионите сè уште не се подготвени за комерцијална употреба. Основачот и извршен директор изјави дека се надева дека годинава ќе го добие тој клучен потпис – сертификација за тип што вели дека ги исполнува стандардите за дизајн и безбедност – од страна на регулаторот за воздухопловство.
Доколку добијат сертификат навреме за Игрите во 2028 година, воздушните таксија ќе нудат летови од 10-20 минути за жителите и посетителите и ќе летаат на одредени дестинации, вклучувајќи неколку од најголемите олимписки објекти во регионот. Не е јасно колку би чинело секое патување, но основачот и извршен директор на „Арчер авиејшн“, Адам Голдштајн, изјави дека сака да ги задржи цените споредливи со луксузниот „Убер“, објави „Лос Анџелес тајмс“.
Како и популарната услуга за споделено патување, клиентите ќе можат да побараат воздушно такси преку апликација. Авионот може да носи до четири лица и работи слично на хеликоптер при полетувањата и слетувањата.
„Арчер“, кој е поддржан од „Боинг“ и „Јунајтед ерлајнс“, е меѓу неколкуте производители на eVTOL, кои сакаат да го променат патувањето во пренатрупаните урбани градови нудејќи патување со авион на кратки релации.
Авионот „миднајт“ на „Арчер“ е изграден со 12 мотори и пропелери и произведува „помалку бучава и емисии од традиционалниот хеликоптер“, според ЛА28.
„Арчер авиејшн“ се надева дека ќе биде сертифициран од Федералната администрација за воздухопловство (ФАА) „на слични нивоа на безбедност како комерцијалните авиони“.
– Сакаме да го трансформираме начинот на кој луѓето се движат низ Лос Анџелес и да оставиме наследство што ја обликува иднината на транспортот во Америка. Нема подобро време за тоа отколку за време на Игрите во Лос Анџелес – рече Голдштајн.
Безбедноста, регулативите и инвестициите се покажаа како голема пречка за компаниите што се обидуваат да воведат летачки таксија. И покрај неуспесите и одложувањата, многумина сè уште веруваат дека тие би можеле да бидат иднината на транспортот. „Арчер авиејшн“ останува уверен дека неговите авиони можат да се спротивстават на неодамнешните трендови и ги гледа Олимписките игри во 2028 година како начин да му ги претстави на светот.