Фото: „Нова Македонија“

Во Струмица одбојкарите се подготвуваат за натпреварите во Европската златна лига, одбојкарките за средби во Европската сребрена лига, а двете селекции потоа ќе имаат и дуели во квалификациите за ЕП 2026

ОДБОЈКА – ПОЧЕТОК НА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ЕВРОПСКИТЕ МЕЧЕВИ

Одбојкарските репрезентации на Македонија ги имаа своите први собири во хотелот „Горан Пандев“ во Струмица, во пресрет на настапите во Европската златна лига и во квалификациските мечеви за пласман на Европското првенство (ЕП) со Грција и со Грузија (сениори), како и почетокот на Европската сребрена лига и квалификациските средби за ЕП 2026 со Грција и со Австрија (сениорки).
– Предизвик секогаш имало и ќе има, не само кај мене, туку и кај сите играчи. Пречекот беше одличен, расположението е на високо ниво, среќни што повторно ќе работиме заедно. Нѐ очекува тежок распоред и едно долго лето, пред сѐ подготовките за Европската златна лига, која е подготовка за главното, квалификациите за ЕП, но факт е дека во претходните две години играме меѓу најдобрите европски репрезентации во Златната лига и тоа е еден голем предизвик. Добро е да се направи еден чекор повеќе, но сѐ зависи. Годинава подготовките се скратени и не знаеме дали уште на првиот турнир во Словачка ќе бидеме на посакуваното ниво, меѓутоа ќе направиме сѐ што можеме за да бидеме во оптимална форма. Ќе пробаме да го извадиме најдоброто од нашите одбојкари во моментов. Понатаму ќе биде многу полесно. Верувам дека ќе бидеме во потребната форма, а она што следува и она за кое сме тука, квалификациите за ЕП ќе бидат навистина предизвик и да го дадеме најдоброто, пред сѐ против Грција. Имаме доволно време дотогаш, но се надеваме и затоа сме тука – вели селекторот на машката репрезентација Јошко Миленкоски, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Репрезентативците пристигнаа во Струмица, а она на што се надеваат е дека ќе направат чекор напред во настапите во Европската златна лига, која ќе им овозможи позитивно да влезат и во квалификациите за ЕП.

– Секогаш кога почнуваме едно ново поглавје, за мене претставува голема среќа, возбуден сум и мотивиран за она што претстои. Оптимист сум, ако не бев немаше да бидам овде, и се надевам дека ќе успееме да имаме здраво, а потоа и резултатски добро лето. Од ден на ден би сакал репрезентацијата да се вклопи, да живее како едно и да напредуваме, да се воигруваме што е можно подобро. Не можам да ветам ништо од почеток или да најавувам фајналфор оти тоа е преголем залак во моментов, можеби за три недели нема да биде. Во Европската златна лига од никого нема да се плашиме, пред никого нема да излеземе со бело знаме и против секого ќе играме на победа, тоа можам да го ветам. Што се однесува до мечевите со Грузија и со Грција, тие се далеку од сега, но нема дилеми дека сите потсвесно мислиме и на тоа. Сега би размислувал од ден на ден, што побрзо да се најдеме, бидејќи некој имал два месеца пауза, некој пет дена и мора да се воиграме што е можно подобро и да излеземе на мегдан. Според мене, колку повеќе натпревари играме заедно толку подобро и верувам дека тоа ќе ни помогне да го набилдаме натпреварувачкиот дух во пресрет на првиот турнир – рече капитенот Никола Ѓоргиев.
Стефан Пауновиќ, селекторот на женската репрезентација на Македонија, го означи почетокот на подготовките.
– Со девојките што се дел од репрезентацијата веќе некое време градиме одреден систем на работа, добро ги познаваме и противниците, мислам дека имаме шанси, тоа се некои репрезентации што се на наше ниво. Два турнира играме на домашен терен и тоа може да биде и предност и притисок. Ќе се подготвуваме тој притисок да го претвориме во предност. Тоа ќе ни биде важно во овој период да се подготвиме ментално, физички и тактички за да бидеме подготвени за она што нѐ очекува. Оптимист сум, веќе ги гледав натпреварите на ривалите од претходниот циклус. Луксембург во последните години има убав континуитет, Швајцарија е селекција што уште има шанси за пласман на ЕП, но во оваа Сребрена лига сигурно не влегуваме како аутсајдери, без разлика што се кажува на хартија.

Сигурен сум дека ќе се бориме за секој поен, сет, со секоја екипа. Нема да гледаме кој е на другата страна, ќе ја играме нашата игра и ќе се подготвуваме за тоа, а кој ќе се најде на спротивната страна треба да се плаши – рече Пауновиќ, пренесе ОФМ.
Натпреварите од Европската сребрената лига се и одлична подготовка на селекцијата за квалификациските средби со Грција и со Австрија за ЕП 2026.
– За овој летен собир очекуваме разиграна игра, повеќе натпревари во кои може да се прикажеме во подобро светло во однос на претходните години. Очекуваме да дадеме сѐ од себе и да дадеме резултат. Сметам дека е голема предност за нас тоа што ќе играме на домашен терен два турнира, а очекуваме голема поддршка од трибините. Ќе одиме чекор по чекор, натпреварите во Сребрената лига ќе бидат одлични за нас во подготовка за квалификациските мечеви што нѐ очекуваат во август и ова е само голем плус за нас – рече репрезентативката Мери Бошковска, пренесе ОФМ. Г.И.