Првата трка во Европа во годинашниот шампионат во Формула 1 (Ф1) е утре (од 15 часот) на патеката во Имола (Италија), за големата награда (ГН) на Емилија Ромања, со што почнува вториот дел од сезоната, во кој има три трки во низа, откако идната недела е трката во Монако и потоа е натпреварот во Барселона, на 1 јуни. Првата трка во Формула 1 во Имола е одржана во 1980 година (во Имола се возеше трка за големата награда на Италија во 1980 година, потоа за ГН на Сан Марино од 1981 до 2006 година и за ГН на Емилија Ромања од 2020 година), пишува Формула 1. Патеката е долга 4,909 км, а рекордот за најбрз круг го постави Луис Хамилтон, во 2020 година. Победник во Имола во претходните три години беше актуелниот светски шампион Макс Ферстапен, а во 2020 година славеше Хамилтон. По шест трки сезонава во водство е Оскар Пјастри со 131 бод. Тој забележа четири победи, од тоа три на претходните три трки. Потоа на табелата се Ландо Норис со 115 бода, Ферстапен со 99, Џорџ Расел со 93... Н.М.