По стапките на спортистите

Овој успех секако силно одекна во ракометна Европа, но ќе треба да одекне и во Македонија. Што значи тоа? Тоа значи дека овој спортски успех треба да се преслика и во другите сфери од општествениот живот, како на пример во економијата, културата, здравството, образованието…, односно да предизвика позитивна раздвиженост кај сите фактори во кои ќе доминираат систематичноста, ажурноста, стратегијата, планирањето, упорноста, логистиката, лобирањето, рационалноста со користењето на човечките ресурси и желбата за успех

Ракометарите се старо-нови спортски херои на Македонија. И којзнае по кој пат ја изговарам оваа иста реченица, со големо задоволство. И со право. Поставената цел овие храбри момчиња повторно ја остварија и по деветти пат ќе бидат дел од европскиот ракометен крем во јануари идната година во Данска, Норвешка и Шведска, во друштво со најдобрите ракометни репрезентации. Со тоа тие уште еднаш потврдија дека Македонија сепак е дел од Европа и дека нејзиниот ракометен „глас“ рамноправно ќе се чуе сега и во Скандинавија, македонската химна гордо ќе се свири, а знамето широко ќе се вее во рацете на македонската навивачи предводени од „Фалангата“. Ракометарите едноставно уште еднаш го израдуваа македонскиот народ, покажувајќи му дека до голем успех може да се стигне само ако секој поединец вложи двојно поголем напор од она што го поседува во конкретниот момент.
Успех што никого не остава рамнодушен секако, особено во овие турбулентни политички премрежиња, како во светот, во кој сѐ повеќе се слуша ѕвечкањето на оружјето, така и во околните земји на нашата држава, кои и понатаму не ги кријат своите апетити во однос на оваа многувековна историска македонска почва.
Ракометот како спорт број еден, ете, испиша уште една нова историја, предводена од нејзиниот стратег Кирил Лазаров, но сега и со новото раководство на Ракометната федерација на Македонија (РФМ). Ракометната младост триумфира, и уште еднаш се докажа на дело по последните квалификации за ЕП 2026. Сето тоа само ја покажува исправноста во давањето доверба, но и потребата од постојано вложување во младите и талентирани спортисти, во случајов ракометарите. Македонското поднебје повторно покажа дека има ракометни таленти, кои треба полека да се негуваат и доизградуваат, а тоа може да се постигне со сѐ поголема работа, упорност, но и доверба во нив.
Многумина можеби беа скептици во оваа полетна репрезентација кога се оформуваше, но таа иднина на македонскиот ракомет покажа дека е полна со самодоверба, сака успеси и е способна да одговори на сите притисоци на теренот, во кој тимскиот дух доминира. Едноставно овие млади и полетни играчи се новиот ракометен вулкан, од кој допрва треба да очекуваме да еруптира уште повеќе.
Патем, со својата сплотеност, борбеност и верба во успех, едноставно покажаа нешто од кое треба да учат и нашите политичари, како на пример што значи тоа гордост, соработка, заедништво, љубов кон татковината, но и верба во сопствените квалитети и можности.

Овој успех секако силно одекна во ракометна Европа, но ќе треба да одекне и во Македонија. Што значи тоа? Тоа значи дека овој спортски успех треба да се преслика и во другите сфери од општествениот живот, како на пример во економијата, културата, здравството, образованието…, односно да предизвика позитивна раздвиженост кај сите фактори во кои ќе доминираат систематичноста, ажурноста, стратегијата, планирањето, упорноста, логистиката, лобирањето, рационалноста со користењето на човечките ресурси и желбата за успех.
Спортот има силен потенцијал за позитивно влијание на секој поединец, група, сфера. Тој создава силно национално чувство и единство, носи бенефиции не само за локалната заедница туку и многу повеќе, на национално ниво. Тој има своја улога и надвор од националните граници и најдобро ја претставува и ѝ дава идентитет на една нација.
Со други зборови, нацијата треба да се угледа на ракометарите, кои со својата позитивна енергија во себе којзнае по кој пат ја обединуваат нацијата, предизвикуваат нејзина сплотеност, позитивни мисли кај луѓето со своите способности и секако патриотизмот кон сопствената држава, тој толку неопходен и посакуван елемент во денешниве бурни политички времиња на Балканот и во светот. Како и на спортскиот терен, и во општествениот живот треба да се носат мудри одлуки, да се влечат вистинските потези, како во шахот, од кои ќе има бенефиции целиот македонски народ.
А, нацијата треба да го следи примерот на ракометарите, кои со многугодишните успеси треба само да го раздвижат нејзиниот дух и на работите да гледа со поголем оптимизам. Ракометарите треба да бидат само двигатели, кои ние треба да ги следиме. Е, тоа е она што го исполнува срцето на секој правдољубив човек, полн со позитивни мисли. А, колку пак поддршката на народот е поголема, толку успехот кон поставената цел во сите области од животот ќе биде поблизок, а радоста и исполнетоста кај секој добродушен Македонец ќе бидат присутна во секој дом, во секое срце…