Американскиот кардинал Роберт Превост ќе биде папа Лав XIV. Лав? Добро, знам, Лео е, ама Лео како Толстој? Дали тоа мене ми подзамирисува на руско влијание во Ватикан? Како руско? Па така, нели Трамп најави дека сака да биде папа, демек на зезанција? И оп, Американец за папа. Веќе се шушка дека сигурно вмешал прсти во конклавата. Како тоа, Господ знае, ама кога се шушка, сигурно има нешто. А Трамп кој го донесе на власт? Првиот пат велешани, а сега лично Путин. Башка, нели Франциск беше проруски папа? Така му врескаа прогресивните. Е па, лично тој го ракоположи Роберт Превост за кардинал. Значи, негово дете. Мислам дека ова се врели факти за експертски мозгања.
Како и да е, веќе очекувам страшно сериозни дебати кој е всушност овој папа? Дали е прогресивен или конзервативен? Кого повеќе сакал во детството, Том Соер или Хаклбери Фин? Зошто Перу, а не Чиле? Но најбитно е дали овој папа ќе ги задоволи сите. А ветува. Американец е, дури и Си-ен-ен се радуваа. Лав како Толстој, ќе се радуваат и религиозните мистици. Лав како Троцки, ќе крикнат среќни левичарите, оти и Исус нели, беше левичар. „Лав ис лав“, ќе викне и ЛГБТИ-заедницата. Лав е бугарско име, значи папата е Бугарин, ќе заклучат Бугарите и планетата конечно ќе може да здивне. Ако, пак, случајно либералното граѓанство не е задоволно, ако според нив, наместо прогресивност покаже толстоевска назадност, која ги фрла неверните жени под воз, тогаш ЕУ, НАТО, како и судовите во Франција и Романија можат веднаш да ги поништат ватиканските избори и да заповедаат нов папа да биде оној што веќе беше избран во филмот „Конклава“.
Туку, Денот на победата. Стварно комплексна и конфликтна тема. Ден на победата или Ден на Европа? Осми мај или 9 мај? Дали временските зони влијаат врз историјата? Кој всушност ја победи нацистичка Германија? СССР или САД? Да се вклучам во дебатава или да продолжам да ги барам кокичињата што се успале и го промашиле почетокот на пролетта?
Да не се вмешуваш Русјаков, остави им го тоа на експертите.
Значи да се вмешам и да изнервирам многумина. Не мислам да се занимавам со ЕУ, која го ослободи Аушвиц од руска пропаганда, ниту со блесавите ставови на Трамп дека САД ја ослободиле Европа со што се стави во редот на оние што ја ослободуваат историјата од факти и логика. Нешто друго ме измачува.
Никогаш нема да ми стане јасно, сеедно дали има логични објаснувања, кои стварно не ме интересираат, зошто побогу војната против нацистичка Германија се нарекува антифашистичка? Па не го преврте светот наопаку оној кутар и забеган комунист Мусолини што сонуваше лев интервенционизам, а кога се скара со другарите си направи своја партија што ја нарече фашистичка (фашо значи снопје, симболично нешто налик на братство и единство), значи не ја истреби пола планета глупиот дуче, туку оној австриски националсоцијалистички психопат што мислеше дека Германците се суперраса Иранци. Дури и на воен план Италијанците беа небитни, нацистите го имаа главниот збор.
Понатаму, фактите и бројките на терен покажуваат дека победата врз нацистите ја оствари Црвената армија, таа даде најмногу жртви и е клучната сила во поразот на Германија. Ама па не можам да го прифатам фактот дека тоа биле Советите, затоа што поголемиот број од жителите на советските републики во делот на Европа се бореа против Црвената армија. Вистината е дека победата на свои плеќи ја донесоа Русите. Ама и тоа немаше да се случи ако оној Грузиецот ја имаше само Црвената армија, која при нападот од Германија беше во очајна состојба. Лудакот мораше да ги отвори и логорите во кои скапуваа пред сè милиони Руси, ама и да добие поддршка од оние што практично ги масакрираше, а се мнозински дел на руската приказна наречена православна Русија. Да, да, другарите Ленин и Сталин вршеа геноцид врз црквата, монаштвото, верниците, ама оние преживеаните, во гулаг-затвораните, тргнаа во борба против нацистите и без нив немаше да има победа.
Немаше да има победа, оти немаше да има и војна, ако СССР и Германија си се држеа до договорот за ненапаѓање што Молотов и Рибентроп го потпишаа. Ќе си тргуваа германските и советските империјалисти со територии, Европа ќе беше нацистичка каква што се покажува и денеска преку примерот со Македонија, ако оној глуп русокос и синоок Иранец, Хитлер, не ја нападнеше Русија. Како што немаше ни САД да се вклучат во војната, откако Русите практично ја завршија работата, ако политичкиот камикаѕе Хирохито, не го нападнеше Перл Харбор. А-ха, ќе си тераа Јенките бизнис со наци Германија како што тоа го правеа и никому ништо. Додуша, немаше да ги соберат ни сите нацинаучници по војната, жими доктор Стрејнџлав, ама навистина, којзнае како ќе изгледаше светот денеска ако Хитлер и Хирохито не се залетаа таму кај што не им е местото.
Искрено не знам ни дали југословенските народи ќе се ослободеа без помош на Црвената армија. Единствени што сами се ослободија беа Македонците, кои во себе го носеа духот на Македонската револуционерна организација. Таа борба тргна од еснафската бела буржоазија на која ѝ се приклучи младината понесена од комунистичката приказна и би, ослободување. Додуша, оние што ја започнаа борбата немаа никаква идеја за Југославија, туку за независна и обединета Македонија, ама Сталин и Черчил го притиснаа Тито… и Тито му рече Темпо, кажи му на Лазо да ја истреби интелигенцијата од врвните позиции на револуцијата, а на нивно место да постави, „макар и неписмени“, за Македонците да не застранат од идејата за Југославија. Така и би, а по војната. илјадници луѓе напикаа по затвори обвинувајќи дека се вмроовски Бугари. И сега чудете се зошто Бугарија бара отворање на архивите. Не ги измисли Коминтерната, Македонците, Титовата црвена буржоазија измислуваше бугараштина, па едно чудо македонски патриоти ги судеше како Бугари, иако самите тоа никаде и никогаш не го кажале.
А за Денот на победата врз нацизмот, кај нас ќе има „Генералка викенд“ што е супер. Имаме многу нацистичко ѓубре за чистење. Може да се почне од Преспанскиот договор, а потоа и оној со Бугарија. Едно чудо ЕУ-бирократи пробуваат да ни внесат нацистички отпад, а ние треба да го рециклираме како европски вредности. Така е уште од денот кога беше донесено и она нациѓубре наречено Лисабонска декларација. И тоа треба да се чисти темелно, не да се пика под тепих. По затвори ни скапуваат невини луѓе осудени по удбашки методи, кои се исти како методите на Гестапо. Затоа стварно, антинацистичка генералка му е мајката.