Ќе се подготвиме максимално и сите треба да играме и да очекуваме две убедливи победи против Естонија и Литванија, вели левиот бек Филип Кузмановски
РАКОМЕТ – РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИТЕ СЕ СОБРАА ПРЕД ЗАВРШНИЦАТА НА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2026
Ракометната репрезентација на Македонија предводена од селекторот Кирил Лазаров во неделата попладне го имаше првиот собир пред одигрувањето на последните два дуела од квалификациите за Европското првенство (ЕП), кое ќе се одржи од 15 јануари до 1 февруари 2026 година во Данска, Норвешка и во Шведска. Натпреварот против Естонија се игра во Талин на 8 мај (18 ч.), додека против Литванија е на 11 мај во СЦ „Јане Сандански“ (18 ч.). Моментно Лазаров се соочува со одредени проблеми, оти има неколку повредени играчи, како што се Мартин Велковски, Марко Митев и Никола Ѓорѓиев, како и крилото на пелистерци Цветан Кузманоски.
– Секогаш сум оптимист и во животот и во спортот, а така ќе настапам и сега. Но мора да бидеме претпазливи на нашиот моментален здравствен билтен, многу играчи ни недостигаат, а има некои нови што мора да ги заменат во одлучувачките дуели. Периодот е краток, немаме право на грешка. Очекувам два психолошко тешки натпревари. Верувам во тимот и во екипата дека ќе одговорат со вистинско лице. Голем дел од играчите што се повикани знаат какви се овие квалификациски натпревари и знаат како е да немаш право на грешка. Се надевам дека ќе одговориме на предизвикот. Естонците покажаа во Скопје дека играат на гол повеќе, додека Литванците се покажаа во добро светло со Словенија. Ќе ни биде потребна и поддршката од нашите навивачи – изјави Лазаров.
Македонија мора да чека пораз на Литванија, иако Словенија таму ќе оди со трет состав, за да остане во конкуренција за второто место. Во секоја друга комбинација ќе се бори за трето место, ќе треба двапати да победи, но и да пресметува гол-разлика со другите третопласирани селекции од сите групи.
– Не треба никого да го потцениме, мора да имаме почит за секој ривал. Знаеме како игравме на претходните две средби со Литванија на гости и со Естонија дома. Сите играчи сме во форма, имаме многу повредени играчи што ќе ни недостигаат, но сите што сме тука ќе го дадеме максимумот. Ќе се спремиме максимално и сите треба да играме и да очекуваме две убедливи победи против Естонија и Литванија. Против Естонците имаше многу голови. Пристапот ни беше малку лош, но се подобривме. Мора сите ракометари сериозно да ги сфатиме ривалите, оти поквалитетни сме, очекуваме поддршка и се надевам на крајот ќе се радуваме заедно со нов пласман на Европско првенство, што е и наша главна цел – вели левиот бек Филип Кузмановски.
Оптимист е и десниот бек Мартин Серафимов, кој е во добра форма.
– Првиот меч ни е против Естонија, кој мора да го добиеме, па потоа на домашен терен следува Литванија, меч што ќе биде многу незгоден. Но се надевам дека со помош на публиката ќе се избориме за позитивен резултат. Хендикепирани сме затоа што многу играчи ни недостигаат на овој собир, но знам и дека селекторот ќе подготви тактика и ќе ги извади нашите силни страни да дојдат до израз – смета Серафимов. Г.И.
ТАБЕЛА, ГРУПА ЕДЕН
Словенија 4 4 0 0 8
Литванија 4 3 0 1 6
Македонија 4 1 0 3 2
Естонија 4 0 0 4 0