Тие во првото коло во Западната конференција го елиминираа Хјустон со 4-3 во победи, додека Индијана поведе со 1-0 против Кливленд во полуфиналето од плејофот на Источната конференција
НБА – ПЛЕЈОФ
Голден Стејт се пласираше во полуфиналето на Западната конференција откако го победи Хјустон со 103-89 на гости во седмиот натпревар од серијата прв до четири победи во првото коло на плејофот во НБА-лигата. Голден стејт ја доби серијата со вкупен резултат од 4-3, откако претходно водеше со 3-1. Најефикасен играч кај победничкиот тим беше Бади Хилд со 33 поени, заедно со девет тројки, на тој начин изедначувајќи го рекордот во НБА по бројот на шутеви однадвор, во седмиот натпревар од плејоф-серијата. Стеф Кари додаде 22 поени, 10 скока и седум асистенции, Џими Батлер впиша 20 поени, осум скока и седум асистенции, додека Дрејмонд Грин даде 16 поени, со шест скока и пет асистенции. Единствен стрелец меѓу резервните играчи на Вориорс беше Кевон Луни со три поени.
За екипата на Хјустон, Ајмен Томпсон беше најефикасен со 24 коша и девет скока. Алперен Шенгун придодаде 21 поен, 14 скока и пет асистенции, додека единствениот друг двоцифрен број на поени беше на Фред Ван Влит со 17 поени и седум скока. Голден Стејт ќе игра против Минесота во полуфиналето на Западната конференција, откако Минесота во првото коло ги победи Лос Анџелес лејкерс со 4-1. Првиот натпревар од серијата прв до четири победи, помеѓу Голден Стејт и Минесота е закажан за вечерва во Минеаполис.
Индијана, пак, поведе со 1-0 против Кливленд во полуфиналето од плејофот на Источната конференција во НБА-лигата, откако го победи со 121-112 на гостински терен. Најефикасен кај Индијана беше Ендру Нембхард со 23 коша. Тајрис Халибартон додаде 22 поени со 13 асистенции, Паскал Сиакам и Арон Нејсмит имаа по 17 поени и осум скока, додека Мајлс Тарнер впиша 13 поени, 11 скока и три украдени топки. Донован Мичел го предводеше Кливленд со 33 поени, Тај Џером додаде 21 поен и осум асистенции, а Еван Мобли запиша 20 поени и 10 скока… Олстар-плејмејкерот на „Кавалирс“, Дариус Гарланд, го пропушти натпреварот поради повреда на палецот на левата нога.
Победник во серијата е тимот што прв ќе забележи четири победи, а следниот натпревар е закажан за вечерва во Кливленд. Победникот од оваа серија ќе игра против победникот од мечот меѓу Бостон и Њујорк во финалето на Источната конференција. Г.И.