Во домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци премиера на
претставата за деца „Пепелашка“ во адаптација и режија на Микица Илова

Јована Секуловска, ученичка во четврта година во гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци, на сцената на домот на културата „Иван Мазов-Климе“, минатиот вторник се појави во улогата на Пепелашка во истоимената претстава, во адаптација и режија на Микица Илова. Нејзината дружба со театарот започна уште кога беше осмо одделение и годинава кога е матурантка во кавадаречката гимназија, како што вели, ѝ се исполни желбата да ја одигра токму оваа улога.
И сѐ беше прекрасно како во бајките, за што свој придонес даде и костимографката Сара Милевска. Младата актерска екипа, која многупати досега се докажала на театарската сцена, и овој пат професионално ја заврши својата задача. На сцената заиграа: Александар Стојков, Цветанка Ристовска, Јован Илов, Арелена Гостимировиќ, Марија Шалевска, Јована Секуловска, Ристе Стојанов, Марија Вчкова, Петар Стојанов, Елена Илова, Ивана Секуловска, Мартина Илиевска и Саше Орешков.

Од џуџето Лутко до Пепелашка

– Се сеќавам дека првата улога ми беше џуџето Лутко во претставата „Снежана и седумте џуџиња“. Во претставата учествуваше сестра ми. Си дојде од проба и ми рече дека недостигало едно дете за да биде џуџе и ме замоли да се пријавам. На почетокот се двоумев, но таа ме убеди и така започна моето дружење со театарот, Микица и со преостанатите вработени. Првата претстава ми остави силен впечаток иако улогата ми беше мала, но дружењето со сите во театарот беше прекрасно. Бевме како едно семејство, смеата и забавата за време на пробите и, се разбира, аплаузот од публиката по секоја одиграна претстава се нешто што не се опишува со зборови. Потоа следуваа уште многу претстави и во секоја од нив без двоумење ја прифаќав поканата од Микица за која било улога. Колку и да беше напорно истовремено да се извршуваат сите училишни обврски, часовите по балет и пробите во театарот, јас се радував на секој миг поминат во театарот. Покрај многуте улоги во детски претстави добив улога и во претставата за возрасни „Покондирена тиква“. Ова беше нов поголем предизвик за мене, но кога работиш со личност како Микица ниту еден предизвик не е преголем. Одлично ја одиграв улогата, по што следуваа претставите „Малиот принц“, „Убавицата и ѕверот“, „Пинокио“, „Шекспир во приказни“ и за крај „Пепелашка“. Навистина бев пресреќна кога ја добив веста дека јас ќе ја играм – ни откри Јована Секуловска.
Таа дополни дека се подготвувала за претставата со особено внимание и вложила многу труд за да ја одигра последна улога на најдобар начин.
– Го завршувам средното образование и продолжувам понатаму со едукацијата, па затоа на театарот ќе му останам само верен посетител. Којзнае можеби по неколку години повторно ќе застанам на сцената. Микица Илова е одлична режисерка, прекрасна и посветена личност што секогаш се трудеше да го извлече максимумот од секој од нас и многу сум ѝ благодарна што ми ги отвори вратите на театарската уметност. Чувствувам голема благодарност за сите прекрасни моменти и за многубројните совети. Во текот на овие шест години мојата театарска екипа се менуваше, но таа секогаш успеваше да нѐ сплоти. Дружбите и прекрасните моменти поминати во театарот нема никогаш да ги заборавам – вели Јована.

Учење животни лекции

Подготовките за детска претстава никогаш не се лесни и секогаш за режисерката Микица Илова носат нови предизвици.
– Сакам да пренесувам пораки во детските претстави, младите генерации да можат да научат нешто повеќе и за уметноста и за животот. Во претставата учествува добро познатата екипа со која неколку години соработувам. Некои од нив како Јована Секуловска се од помала возраст во театарот. Оваа девојка досега учествуваше во сите мои претстави, заеднички заокруживме прекрасна соработка на која ќе се сеќавам цел живот. Таа остана доследна на самата себе со својата скромност, со својата желба да биде на сцената и покрај многубројните обврски. Се радувам кога излегуваат млади личности што ќе понесат прекрасно искуство од театарот. Еден дел од екипата се матуранти, искрено им благодарам за нивната пожртвуваност и љубов кон театарската уметност. Се надевам дека некои од нив ќе продолжат да се занимаваат со глума или со режија. Исто така искрено се надевам дека сите овие години успеав да ги научам на другарство, соработка, тимска работа, говор на телото, глума. Да ги ослободам од тремата и пред сѐ да ги научам да бидат добри, одговорни, вредни, амбициозни и успешни луѓе. Со голема одговорност можам да кажам дека оваа докажана млада актерска екипа е иднината на театарот во Кавадарци – изјави режисерката Микица Илова.