Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за спорт Борко Ристовски денеска потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете министерства во областа на физичките подготовки и спортски активности.
Со овој Меморандум за соработка, како што информира МВР, се утврдува рамката меѓу страните потписници за работи од заеднички интерес базирани на искористување на стручно-научните, професионалните, материјално-техничките и просторните услови насочени кон унапредување на едукативните, истражувачките и апликативните активности преку кои ќе се реализира соработката за работи од заеднички интерес.
– Со потпишување на овој Меморандум ја подигнуваме нашата и досегашна одлична соработка на повисоко ниво со што директно ќе влијае врз работата на министерството и подготвеноста на полициските кадети и службеници. Спортот и физичката подготвеност е во директна поврзаност со успешното извршување на задачите на полициските службеници, а со тоа и чување на безбедноста на граѓаните. Планираните проекти со Министерството за спорт ќе значат унапредување на терените и можностите за квалитетни спортски активности на ниво на европските полиции со една цел, да имаме подготвена и спремна полиција која ќе биде вистински гарант на безбедноста на своите граѓани – потенцираше министерот Тошковски во Министерството за внатрешни работи.