Каја Калас / Фото: ЕПА

Европската унија подготвува План Б за тоа како да ги одржи економските санкции против Русија доколку администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги напушти мировните преговори за Украина и се движи кон зближување со Москва, изјави за „Фајненшл тајмс“ високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

– Гледаме знаци дека тие размислуваат да ја напуштат Украина и не се обидуваат да постигнат договор со Русите бидејќи тоа е тешко – рече Калас, осврнувајќи се на САД, пренесе „Танјуг“.

Таа додаде дека постои план Б, но дека прво мора да работат на остварување на планот А. Калас, исто така, рече дека се во тек разговори со Вашингтон и други меѓународни партнери за да се обезбеди дека западниот режим на санкции против Русија останува на сила, пренесе „Ројтерс“.

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека мировен договор меѓу Русија и Украина мора наскоро да се постигне и дека Вашингтон се обидува да утврди дали вреди да продолжи да дејствува како посредник во процесот.

 – Не можеме да продолжиме да посветуваме време и ресурси на овие напори ако тие нема да вродат со плод – рече Рубио во емисијата „Meet the Press“ на „NBC“.

Тој не кажа колку долго администрацијата на Трамп е подготвена да чека за да постигне напредок.