Голем број вработени во институциите од културата денес точно напладне излегоа на протест пред Министерството за култура кое ги принуди велигденските празници место со 10 отсто поголеми плати, да ги минат без плата. Со централен транспарент „ ‘Извини’ Зоки, ‘морално’ (ли) беше“, културните работници си ја побараа платата која согласно колективниот договор треба да биде 10 отсто повисока поради зголемените животни трошоци. Додека тие пред Министерството за култура кажуваа дека неисплатената плата не е само административна измама туку правно и морално предавство и обвинија дека оваа власт само ја продолжува традицијата од претходните власти поради што тие мора секој април да протестираат, Министерството за култура подготви нов начин за пресметка на платите.

– Добивме известување од сметководствените служби дека од страна на Министерството се доставени нови насоки за пресметка на плата, дека досегашните каде што беше пресметана плата согласно Колективниот и другите договори, не важат. Сега има нови насоки, на поинаков начин се пресметуваат тие 10 % од општиот колективен договор. Во моментов институциите не постапуваат по новите насоки бидејќи на никого не му е јасно што во моментов треба да се направи. Се надеваме дека ќе добијат подетални насоки и се надеваме дека платат за март ќе ја добиеме барем пред првомајските празници – рече Вера Атанасовска, претседателка на Синдикатот за култура на Република Македонија (СКРМ).
Вработените во институциите од културата кои се уште немаат плата за март добија безрезервна поддршка од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов и на сегашниот министер за култура, исто како и на претходната министерка, му порача дека со протестот културните, дошле кај некултурните во Влада. „Жал ми е што до вчера министерот седеше рамо до рамо со вас, но како министер со 79 % зголемена плата се бори против вашите плати предвидени со колективните договори што лично сметам дека е срамно – рече претседателот на ССМ, Трендафилов.



Тој ги повика вработените во културните институции на Први мај да се придружат на протестот на ССМ.
– Дојдовме 300 луѓе пред три недели на протест – се исплашија. Денеска сме 3000 – уште повеќе се плашат и им кажавме дека ќе дојдеме и 30 илјади. Нѐ бројат, наместо да ни платат плати. Почитуван министер, луѓето очекуваат платата да им се исплати уште денес согласно Колективниот договор, доколку не, како што ѝ порачавме на претходната министерка, ќе ви порачаме и вас – ако не го направите вие тоа, ќе го направи некој следен министер – рече Трендафилов.
Со скандирање „Правда, правда“ и интонирање на државната химна заврши денешниот протест на културните работници кои кажаа дека излегуваат на улица оти Министерството не ги слуша кога се обраќаат преку институциите.