Книгата за деца „Мачорот Тане“ на авторката Лина Димоска претставена и во Ресен
Велат дека мачките имаат девет животи, но мачорот Тане, главниот јунак на книгата за деца на писателката Лина Димоска, во саботата во Ресен го прослави својот трет роденден, сметајќи според човечките години.
Веќе сигурно знаете дека Тане е еден многу популарен мачор од Прилеп. Тој е сакан од неговата другарка Лина, како и од сите што ги сакаат своите мачки и другите домашни миленичиња, но не секоја мачка може да биде инспирација за книга и да се најде меѓу две корици.
Авантурите на Тане беа инспирација прилепската писателка Лина Димоска да ја напише книгата со единаесет раскази, насловена „Мачорот Тане“, илустрирана од Калиопи Трпчева, а во издание на издавачката куќа „Светулка“ од Скопје.
Многубројната детска публика во кафулето „Млад турист“ во Ресен со радост ги проследи расказите за Тане и разговорот за книгата меѓу авторката Лина и промоторот Филип Димкоски, а потоа сите едногласно ја испеаја роденденската песна во чест на Тане, па дури и дувнаа роденденско колаче со бројот 3 и сите добија колачиња со ликот на Тане. Талентираните дечиња потоа се вклучија во ликовната работилница, на која изработија уникатни честитки за роденденот на Тане и сите ѝ ги подарија на авторката Лина за да му ги однесе на нејзиниот мачор. Некои од присутните за подарок донесоа и храна за славниот Тане.
Секако дека Тане не присуствуваше на промоцијата во Ресен, бидејќи сите треба да знаеме дека животинчињата не сакаат да патуваат и да го напуштаат своето место на живеење.
Книгата досега беше промовирана на повеќе места во Прилеп и во Скопје, се одржаа неколку средби со децата во училиштата и едукативните центри, а според авторката, до крајот на годинава ќе нѐ очекува нова книга со новите авантури на славниот мачор. Ф.Д.