Казната изнесува 35 евра во денарска противвредност и во мандатна постапка на возачот, кој постапува спротивно на одредбите од ставовите на овој член, ќе му се издаде односно ќе му се регистрираат 15 негативни бодови во согласност со одредбите на овој закон
Животот нема цена. Три збора што навистина ја опишуваат реалноста особено кога станува збор за нашите деца. Нивната безбедност е она на што како родители најчесто внимаваме. Постојано ги учиме да бидат внимателни да не се повредат, ги учиме како да бидат претпазливи и да не се впуштаат непромислено во разни игри за кои подоцна можат да се покаат… и сето тоа како родители е должност да го направиме за да израснеме вистински личности.
Меѓутоа, улогата на родител не запира само во едуцирањето. Можеби една од најважните улоги е безбедноста во сообраќајот токму на децата. На социјалните мрежи речиси секојдневно може да се забележат разни видеа и фотографии од деца што се возат на предно седиште незаштитени, деца што буквално висат на прозорци играјќи на музика, а сепак најголем хит е кога детето е во скутот на родителот и се обидува да управува со возилото среде огромен и фреквентен булевар.
Она што е можеби најсимптоматично е тоа што на социјалните мрежи за заштита на децата се коментира само кога родителите патуваат надвор од државата, па исплашени не за безбедноста на детето туку од финансиската казна што би можеле да ја добијат во странска земја, преку групите на Фејсбук позајмуваат седиште за во автомобил во кое би го обезбедиле своето дете и тоа само во случај доколку силите на законот ги застанат да ги санкционираат.
Оттука нужно се поставува прашањето каде ни замина свеста како родители и зошто дозволуваме свесно да ги оставиме децата да се возат во ризични услови.
Факт е дека сиромаштијата го зема данокот и тоа во најлоша форма. Седиштата во кои законски треба да се возат децата за некои родители се прескапи. Оние што се со пристапна цена, не се со ист квалитет како поскапите, па кај самите родители се јавува сомнеж за потеклото и квалитетот на истите тие.
– Живееме со една плата. Да, сакам да купам седиште за мојот двегодишен син, но немам средства за тоа. Цените на седиштата навистина се огромни и почнуваат од пет, шест илјади денари, и тоа секако, ако сакате некое поквалитетно. Инаку ќе најдете и за две, три илјади, но сепак прашањето е колку е тоа безбедно ако се види дека појасите се тенки и не се како на оние поскапите, заштитата на главата на некои е со перничиња, кај некои воопшто и ја нема… Треба да има одреден стандард при изработката на овие производи. Значи, ако треба да има силни појаси, истите тие треба да ги има на секое, а не на поевтиното да изгледаат како врвци за патики – револтирано коментира Емилија, мајка на двегодишно дете.
Министерството за внатрешни работи информира дека во согласност со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во главата 3 точка 33, во членот 164 е пропишано дека во патнички автомобил, на предното седиште не смее да се превезува дете помало од 12 години, ниту лице, кое очигледно е под дејство на алкохол, дрога или други психотропни супстанции.
– Во патнички автомобил на задното седиште, смее да се превезува дете помало од пет години, во поставено посебно детско седиште, кое за седиштето од возилото е прицврстено со сигурносен појас или на друг соодветен начин. Во патнички автомобил на предното седиште, смее да се превезува дете до две години, ако возилото нема заштитно воздушно перниче, ако воздушното заштитно перниче е исклучено и ако детето се превезува во посебно детско седиште поставено спротивно од правецот на движење, при што истото тоа е прицврстено на седиштето на возилото со помош на сигурносен појас со три точки на поврзување. Детето од ставовите два и три и на овој член треба да биде врзано со сигурносен појас од седиштето – информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека казната изнесува 35 евра во денарска противвредност и во мандатна постапка на возачот, кој постапува спротивно на одредбите од ставовите на овој член, ќе му се издаде односно ќе му се регистрираат 15 негативни бодови во согласност со одредбите на овој закон. Граѓаните што строго се придржуваат кон ова правило велат дека е потребно да има што е можно поголеми и поригорозни казни, за да се свестат родителите дека една секунда е доволна за целиот живот да се каат поради тоа што не го ставиле своето дете во седиште.
– На Интернет има доволно предупредувачки видеа. Мислам дека треба посериозно да се сфати безбедноста во сообраќајот, но и на оние што ги возиме и се под наша одговорност. Казни треба да има и тие да бидат брутални. Само така ние ќе се опаметиме – вели Ирена С.