Фото: ЕПА

По најавата на американскиот претседател за 90-дневна пауза во примената на царинските тарифи на САД

Како што е веќе познато, американскиот претседател Доналд Трамп објави две големи промени во неговиот царински тарифен план за трговска размена на САД со другите земји во светот.
Прво, тој најави 90-дневна пауза во примената на повисоките тарифи. Паузата значи дека „универзална царина од 10 отсто“ ќе биде во сила за сите земји освен за Кина. И, второ, Трамп најави зголемени царини за увезена стока од Кина на 125 проценти. Интересно е што и Канада и Мексико – кои се соочија со стапки до 25 отсто за некои стоки – се исто така вклучени во основните тарифи од 10 отсто. Тој не појасни дали тоа ја вклучува и ЕУ. Веднаш по ова, светските берзи забележаа силен раст: индексот Nasdaq порасна за 9 отсто, а S&P 500 за 8 отсто.

Што ќе прави сега Брисел?

Скот Бесент, американскиот секретар за финансии, изјави дека „секоја земја во светот што сака да преговара, тие се подготвени да ја слушнат“. Тој објаснува дека царината за Кина е зголемена на 125 отсто поради „нивното инсистирање на ескалација“. Главното прашање што останува неодговорено се однесува на Европската Унија, која претходно го одобри првиот сет одмазднички царини што ќе стапат во сила следниот вторник (15 април). Доколку Кина биде погодена со дополнителни царини поради нивната одмазда, не е јасно што ќе се случи со ЕУ – иако имаат неколку дена пред да стапат во сила тие царини, пишува Си-ен-ен.

Брисел повтори дека е подготвен за преговори за постигнување „нулта
царинска стапка меѓу ЕУ и САД“

– Ја поздравувам најавата на претседателот Трамп за паузирање на реципрочните тарифи. Тоа е важен чекор кон стабилизирање на глобалната економија – наведе Фон дер Лајен во соопштението објавено вчера од Европската комисија (ЕК).
Претседателката на ЕК ја повтори својата подготвеност за преговори и постигнување „нулта царинска стапка меѓу ЕУ и САД“.
– Царините се давачки што им штетат само на компаниите и на потрошувачите. Затоа отсекогаш сум се залагала за договор за нулта царина меѓу Европската Унија и САД – изјави по овој повод Фон дер Лајен.
-Додека го финализираме усвојувањето на контра-мерките на ЕУ за увозот на американски производи, кои добија силна поддршка од земји членки, решивме нашите контра мерки да ги ставиме во мирување 90 дена – соопшти вчера доцна попладнето претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лајен. Р.С.