Шпанскиот град Кадис вети дека ќе отстрани пет илјади гулаби, откако газдите на повеќе локални хотели тврделе дека тие ги напаѓале и ги бркале туристите од местото.
Федерацијата на хотелиерите во овој шпански град уште пред две години посочувала кон овој проблем, особено поради тоа што гулабите напаѓале туристи на најголемиот плоштад во градот, објавува британски „Индепендент“.
– Проблемот стана неподнослив. Сметаме дека изгубивме околу 20 отсто од туристите поради гулабите. Тие стануваат многу опасни кога се гладни и често се случува да слетаат на масите на туристите за да крадат храна – изјави еден сопственик на ресторан од Кадис.
Тој додаде дека гулабите го претвориле Кадис во свое главно престојувалиште, оставајќи птичји измет на фасадите, врз масите во рестораните и врз возилата на туристите.
Градскиот совет на шпанскиот град одлучи дека популацијата од осум илјади гулаби во Кадис е многу голема и дека мора да се најде решение за проблемот, па така тие наместо да ги истребат, гулабите ќе бидат дислоцирани на повеќе различни локации далеку од градот.
За да се стопира и прекине идната миграција и повторното враќање на гулабите во Кадис, локаната власт ќе дистрибуира и 3 илјади памфлети во градот повикувајќи ги луѓето да престанат да ги хранат птиците.