Фото: ЕПА

Откако завршија четвртфиналните натпревари во лигата А и плејоф-дуелите во лигите Б и Ц, УЕФА ја објави табелата на која Македонија е на 30-то место, пет места погоре од привремената листа на УЕФА, објавена по групната фаза. Тоа е најдобриот пласман на Македонија досега на вкупна табела на УЕФА за Лигата на нациите

ФУДБАЛ – УЕФА ЈА ОБЈАВИ РАНГ-ЛИСТАТА ЗА СЕЗОНАТА 2024/2025

Македонската репрезентација напредуваше за пет места на ранг-листата на Европската фудбалска унија (УЕФА) за Лигата на нациите, за сезоната 2024/2025 во однос на привремената листа што УЕФА ја објави по завршувањето на групната фаза. Така, откако завршија четвртфиналните натпревари во лигата А и плејоф-дуелите во кои настапуваа селекции од лигите Б и Ц, УЕФА ја објави официјалната табела, на која Македонија е на 30-то место, пет места погоре од привремената листа на УЕФА.
Тоа е најдобриот пласман на репрезентацијата на Македонија на вкупна табела на Европската фудбалска унија за Лигата на нациите. Во првата сезона на натпреварувањето црвено-жолтите беа на 41-то место, во следната се пласираа на 40-та позиција, а во сезоната 2022/2023 Македонија беше на 42-то место во тоа натпреварување, според податоците на УЕФА.
Од сезонава Европската фудбалска унија воведе прво привремена, па потоа завршна табела, на кои македонската репрезентација прво беше на 35-то место, а потоа на 30-та позиција. Македонија во сезоната 2024/2025 го освои првото место во групата 4 во лигата Ц и со тоа во следната сезона на Лигата на нациите ќе дебитира во лигата Б.
За конечниот изглед на врвот на табелата за сезонава ќе се чека разврската за трофејот (следува фајналфор-турнирот во Германија), а во моментов прва е репрезентацијата на Шпанија, актуелен победник на натпреварувањето од претходната сезона, а потоа се селекциите на Германија, Португалија и на Франција, сите четири репрезентации полуфиналисти на Лигата на нациите за сезонава. Н.М.