Фото: Маја Јаневска-Илиева

НА ПЛАТОТО ПРЕД УНИВЕРЗИТЕТОТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ИМ СЕ ОДДАДЕ ПОЧИТ НА ЖРТВИТЕ ОД ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ

На платото пред универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ вчера се одржа заеднички час на студенти и професори во спомен на жртвите од пожарот во Кочани. Собирот беше организиран од студентската организација на скопскиот универзитет. Настанот, кој беше закажан за точно напладне, беше одложен половина час поради силен дожд, а потоа почна со седумминутен молк на големиот број присутни студенти со кои беше исполнет кампусот на УКИМ.
Со кратки говори на сочувство се обратија ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, и министерката за образование и наука Весна Јаневска.
– Никогаш не помислив дека ќе треба да се обратам во ваков тежок момент. Денеска се собравме овде соочени со тага што зборови едвај можат да ја опишат. Загубата на млади животи е трагедија без мерка, рана што никогаш не заздравува, тишина што одекнува во срцата на оние што останале. Неподнослива е болката да се изгуби некој полн со живот, некој чиј пат штотуку започнал – порача Ангелова.
Министерката Јаневска им порача на студентите дека сплотеноста е најважна во овие тешки моменти.
– Вашето присуство тука значи свесност, солидарност, хуманост, значи споделување не само на доброто туку и на тагата и на болката. А тоа е најважно, што младите луѓе и сите ние преостанати заедно во овие тешки моменти можеме да го покажеме. Тука сме сите заедно да им помогнеме на живите да ја преболат тагата. Болката за починатите е непреболива – порача Јаневска.
Студенти во редици чекаа да запалат свеќи за покој на загинатите во пожарот, да положат цвеќе и да остават пари за поддршка на семејствата во кутиите за донации пред Филозофскиот факултет. Донираните средства ќе бидат предадени на Црвениот крст. Пред Правниот факултет, пак, беше отворена книга на жалост. Вакви собири напладне ќе се одржуваат и во наредните четири дена.
Претседателот на УСС на УКИМ, Александар Николовски, соопшти дека денеска ќе се одржи на кампусот на техничките факултети, утре на ПМФ, в четврток пред Педагошкиот факултет, а за петок ќе биде организиран марш низ Скопје или студентите и сите заинтересирани граѓани ќе се упатат кон Кочани. П.Р.