Филип Панчевски

Главна цел ми е третата норма за велемајстор, а доколку ја освојам, овој турнир, секако, за мене ќе биде мошне успешен, вели повеќекратниот шампион на Македонија, Панчевски

ДЕНЕСКА ПОЧНУВА ЕП ВО ШАХ

Интернационалните мајстори (ИМ) Филип Панчевски (2.421, рангиран 154-ти пред почетокот), Тони Лазов (2.400, рангиран деветти) и Емил Ристески (2.365, рангиран 185.), сите тројца од ШК Алкалоид, ќе ги бранат боите на Македонија на 25. Европско поединечно првенство (ЕП) во шах, кое денеска започнува во романскиот град Ефориe Норд. Во мошне силна конкуренција на 377 шахисти од 40 држави (101 ВМ, два ЖВМ, 76 ИМ, девет ЖИМ, 71 ФМ, осум ЖФМ), од кои 42 со рејтинг над 2.600 поени, новиот првак ќе биде познат по завршувањето на 11-то коло, со стандардно време на размислување. Титулата од лани ја брани српскиот ВМ Александар Инџиќ, кој тогаш освои девет поени. Годинава најмногу шахисти има пријавено од Романија (76), Турција (33) и од Израел (32).
– Пласманот како пласман не ми е многу битен, важно ми е да играм добро и да освојам нови рејтинг-поени. Главна цел ми е третата норма за велемајстор, а доколку ја освојам, овој турнир, секако, за мене ќе биде мошне успешен – вели повеќекратниот шампион на Македонија, Панчевски (36), кому му недостига уште една норма за највисоката шаховска титула.
ИМ Тони Лазов (24), кој е актуелен шампион на Македонија, лани на Шаховската олимпијада (ШО) во Будимпешта (Унгарија) освои сребрен медал играјќи на втора табла за Македонија, а досега има освоено и една норма за ВМ. ИМ Емил Ристески (21) е најмладиот во македонската експедиција, но со големи амбиции за брз напредок во шахот.
– Не си поставив никакви очекувања за ова европско првенство за да немам дополнителен притисок. Ќе пробам да дадам сѐ од себе и да играм најдобро што можам, а резyлтатот ќе дојде сам по себе, ако успеам да го направам тоа – ни изјави Ристески.
Како што е познато, Македонија двапати беше домаќин на вакво квалитетно и масовно натпреварување. Првиот пат на 2. ЕП во Охрид 2001 година, кога меѓу 203 учесници (13 кола) победи ВМ од Израел Емил Сутовски. Вториот пат во 2019 година во Скопје, каде што во конкуренција на 361 учесник (11 кола) славеше Русинот Владислав Артемиев. Досега рекордот по бројот на шахисти на едно ЕП е забележан во Врњачка Бања (Србија) 2023, кога настапија 484 натпреварувачи.
Минатата година, ВМ Евгениј Романов беше единствениот Македонец што настапи на ЕП. По 11 одиграни кола го освои 70-то место со 6,5 поени. Г.И.