Ова е прва симфониска суита од македонски автор што обработува лик од македонската фолклорна традиција, а е наменета за деца и млади

Денеска, со почеток во 12 часот, оркестарот на Македонската филхармонија премиерно ќе ја изведе симфониската суита „Итар Пејо“ од македонскиот композитор Филип Иванов, како едукативен концерт за деца. Диригентка е Бисера Чадловска, а наратор ќе биде актерот Мартин Јорданоски. Концертот вчера имаше претпремиера за организирана посета од училишта.
Делото на македонскиот композитор Филип Иванов, „Итар Пејо“, како што кажува и самиот наслов, е инспирирано од популарниот македонски лик од нашата традиција, лукавиот и снаодлив Итар Пејо. Тој е познат како симбол на итрец, кој успева да се справи со неправдите и предизвиците преку својата интелигенција и снаодливост. Особено е итар во надмудрувањето на богатите или на оние што сакаат да го искористат…
Делото на Иванов е поделено на седум дела со поднаслови што укажуваат на течението на нарацијата: „Триумфот на Итар Пејо пред селскиот кмет“, „Танцот на измамата: Маската на Пејо“, „Меланхолија на исчезнатата паричка“, „Шегите на Итар Пејо“, „Итар Пејо во судир со неправдата“, „Инспиративниот говор на Итар Пејо“ и „Свадбата на Пејо“.
Ова е прва симфониска суита од македонски автор што обработува лик од македонската фолклорна традиција, а е наменета за деца и млади. Композицијата е дел од наградените композиции што пристигнаа на конкурсот, кој Филхармонијата го распиша минатата година за откуп на дела од македонски автори наменети за симфониски оркестар.