Фото: „Нова Македонија“

Повисоки стапки на економски раст се неопходни за нашето стопанство, кое постојано каска зад европските земји, а со падот на економијата изминатиот период, разликите меѓу развиените земји и нашата уште повеќе се зголемија

Одгласи по информацијата од Државниот завод за статистика (ДЗС) за динамизирање на домашната економија

Растот на домашната економија за 3,2 отсто во последниот квартал од годината ги подгреа надежите за подобри перформанси, а оттаму и за подобар животен стандард. Последните бројки на Државниот завод за статистика откриваат дека стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) во четвртиот квартал лани достигна 3,2 проценти, благодарение на растот во градежништвото од 13,2 проценти и секторот стручни, научни и технички дејности – административни и помошни услужни дејности од 10,6 проценти.
За потсетување, во првите два квартала домашниот БДП достигна 1,2 отсто и 2,3 проценти, дури во третиот квартал имаше заживување од 3 отсто. Статистичарите исто така укажаа дека финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги и непрофитните институции што им служат на домаќинствата, во четвртото тримесечје од 2024 година номинално расте за 6 проценти, а нејзиното учество во структурата на БДП е 66,1 процент.
Повисоки стапки на економски раст се неопходни за нашето стопанство, кое постојано каска зад европските земји, а со падот на економијата изминатиот период, разликите меѓу развиените земји и нашата уште повеќе се зголемија.
За економистите овој раст на домашната економија бил очекуван, но голем плус се очекувањата дека овој раст ќе продолжи.
– Остварениот раст е според очекувањата, годишната стапка на раст на БДП целосно се поклопува со нашата проекција. Ако растот го гледаме во текот на годината, забележуваме одредено стабилизирање и забрзување, но колку тоа забрзување би можело да биде на потрајна основа, ќе направиме дополнителни процени. Ова го велам и од перспектива на структурата на растот. На пример, низ целата 2024 година јавната потрошувачка останува висока – во првата половина од годината за тоа придонесоа изборите, но државните трошења не се намалиле ниту во вториот сегмент од годината – објаснува Благица Петрески, генерална директорка на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Петрески за „Нова Македонија“ објаснува дека иако во последниот квартал приватната потрошувачка стагнирала, вкупниот раст е сличен на тој од 2023 година, со нагласка дека вака поставените економски состојби влеваат надеж дека растот на економијата ќе продолжи.

– Забележливи се два други показатели: подобро остварување на бруто-инвестициите, како и неизвесностите на европскиот континент, кај нашите трговски партнери, особено во делот на падот на извозот. Во вакви околности, вкупно остварениот раст го оценуваме за солиден, но очекуваме дека во 2025 година улогата на инвестициите за растот ќе биде подоминантна, додека државното трошење ќе се сведе на потребите на фискалната консолидација. На производствената страна, преработувачката индустрија стагнира, во согласност со неизвесностите во надворешната трговија, додека растот е воден од градежништвото, кое во 2024 година и посебно во четвртиот квартал забележува стабилно враќање на солидна патека по стагнацијата во 2023 година, како и кај услугите, кај кои трговијата конзистентно покажува робусни знаци на раст повеќе квартали по ред – укажува Петрески.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, пак, посочи дека растот од 3,2 отсто на економијата во четвртиот квартал е сигнал за закрепнување.
– Економијата покажува знаци на закрепнување и стабилизирање – резултат на политиките што ги спроведува Владата. Потврда за тоа стигнува од објавените податоци на Државниот завод за статистика за раст на БДП во последниот квартал од 2024 година од 3,2 проценти. Затекнавме економија што беше во стагнација, со раст на БДП од 1,2 отсто во првиот квартал, 2,3 проценти во вториот квартал. Тоа бараше итни и неодложни мерки на краток рок за да овозможиме економијата да почне да закрепнува и да се фокусираме на политики што ќе овозможат засилена економска активност со просечни стапки од 5 проценти – напиша министерката на својот фејсбук-профил.
Таа додава дека инвестициите се главна карика на концептот на оваа влада и дека со тој концепт ќе се продолжи и во наредниот период.
Податоците на ДЗС покажуваат дека носител на растот на економијата во нашата земја повторно е градежништвото, каде што растот од над 13 проценти во последниот квартал упатува на поголеми инвестиции и инфраструктурни зафати, што секако е видливо и на терен од многубројните згради што никнуваат, особено во главниот град, но и поради зголемување на активностите на изградба на повеќе патишта низ земјава.
Втор силен раст бележи и секторот стручни и научни дејности со над 10 отсто раст, каде што всушност спаѓаат иновациите, технолошкиот напредок, дигитализацијата, но и администрацијата, меѓу кои и образованието, а како потсектор раст се бележи и кај уметноста и забавата…

За разлика од нив, извозот на стоки е намален за 3,1 отсто, но увозот има раст од 2 процента.
Со реакција се јавија и опозиционерите, кои укажуваат дека смешно е да се фалиме со 3 отсто раст кога има инфлација од пет проценти.
– Кочоска прикажува економски победи, додека 83.000 работници не зеле плата за јануари, додека цените постојано растат, а таа не презема ништо, додека платите стагнираат, а таа лично е против покачување. Ова е потценување и исмевање на маката на граѓаните од страна на министерката, која, освен навреди кон пратенички, досега нема сработено буквално ништо во интерес на граѓаните – истакнуваат од СДСМ преку соопштение.

Кога станува збор за растот на домашниот БДП, за потсетување последниве години стапките на економски раст беа најчесто под три проценти, имавме и негативна година, кога всушност изби корона-кризата, но и во годините пред неа растот на домашната економија не достигнуваше до посакуваните пет проценти.

Е.Р.


Со каков раст на националната економија и БДП би ја стасале Европа?

Растот на домашната економија за 3,2 отсто во последниот квартал од годината ги подгреа надежите за подобри перформанси, а оттаму и за подобар животен стандард. Сепак издвојуваме дека тој резултат е само од последниот квартал на минатата година и потсетуваме дека и во третиот квартал имаше заживување, и тоа од 3 отсто. Економскиот раст е за поздравување и поддршка!

Динамизирањето на економскиот раст треба да биде мисија на целокупното општество, дури и мобилизација за заживување на т.н. патриотска економија, колку и да звучи тоа неекономски, за да достигнеме раст преку кој ќе фатиме приклучок до високоразвиените земји. А, еве, и една споредбена опсервација.
Имено, за потсетување… Во првите два квартала на минатата 2024 година, домашниот БДП достигна раст од (само) 1,2 отсто, односно 2,3 проценти. Зошто тоа е недозволиво премалку? Имено, ако трендот на економскиот раст на Македонија се движи околу 2 отсто, а наедно и Европа продолжи да расте со 2 отсто, тогаш само би се продлабочувал јазот и ние никогаш не би го стигнале нивото на ЕУ!
Според експертите, јазот ќе стане уште поголем и Европа ќе се оддалечува од нас доколку останеме со овој тренд на раст на БДП! Имено, посликовито кажано, ако останеме на нашиот раст на БДП од 2 отсто, тогаш станува повеќе од јасно дека Европа само драстично ќе се оддалечува од нас (затоа што раст од 2 отсто на европскиот просечен БДП по жител што е 44.000, не е ист со нашиот раст од 2 отсто на речиси 8.000 евра БДП по жител). Така, ние никогаш нема да можеме да го стигнеме нивото на ЕУ! (Нам ни треба двоцифрен раст на економијата, односно БДП.)
Натаму, ајде да земеме друга калкулација, во која хипотетички Македонија ќе успее да оствари раст од 6 отсто (што досега ни бил највисокиот раст на БДП, во 2007 година), а (хипотетички повторно) Европа да стагнира и да остварува раст од 1 до 2 отсто. Во овој случај, можеби би ни биле потребни триесетина години за да се доближиме до животниот стандард на Европската Унија, но повторно доколку ЕУ стагнира и нема раст (што е далеку, дури предалеку од реално да се случи – ЕУ 30 години економски да стои, односно да стагнира…), што значи дури и со нереални хипотетички претпоставки, повторно сме далеку речиси половина век од остварување на БДП што ќе го има ЕУ.

Е.Р.