Неколку консултирани странски дипломати акредитирани во нашата земја од балканските држави и еден европски, имаат интересно тврдење дека „коспонзорството и воздржаноста на Скопје во врска со неодамнешните резолуции во ОН не било превид, туку напротив, тоа бил промислен и пресметан (консултиран) геополитички маневар: поблиско постројување до САД, но и воздржано гласање и кон неа и кон сегашните елити на ЕУ“. Каков е резонот на некои од дипломатите од кариера, за Македонија и надворешната политика на нашата држава?
Дипломатијата на Македонија на нова траса
По одржаното Генерално собрание на Организацијата на Обединетите нации (ООН) и особено по Минхенската конференција со историскиот говор на американскиот потпретседател Венс, светот повеќе не е ист. Никогаш нема ниту да биде. Но токму овие два настана се совпаднаа со „македонскиот моментум“ (термин што го истакна еден дипломат), во кој нашата земја прави решителен исчекор и пресврт во својата надворешна политика.
Македонија на патот кон една реформирана „ЕУ на суверени нации“?
Соспонзорството за американската резолуција за мирот во Украина, но и потоа воздржаноста во гласањето за неа, еднакво така и за резолуцијата на ЕУ и европските држави за Украина, за дипломати од кариера со кои се консултиравме не беа никаква конфузна позиција, ниту пасивно однесување на Македонија.
Интересно, неколку странски дипломати во нашата земја од Балканот тврдат дека „напротив, тоа беше промислен и пресметан геополитички маневар: поблиско постројување до САД, но и воздржано гласање и кон неа и кон сегашните елити на ЕУ“.
– Тоа беше еден активен потег на вашата дипломатија, кој означи нагласување на стратегиското партнерство со суверенистичка Америка и свртување повторно кон искачување на скалата на геополитичко сојузништво. Тоа допрва, доколку бидете конзистентни на овие политики што се компатибилни на новите политики на САД, ќе добива конкретна форма и конкретни содржини. Во исто време, заземањето гард кон ваквата ЕУ, која ја замајува Македонија повеќе од 20 години, значи и силна дипломатска порака на Скопје до Брисел дека држењето на Македонија на периферија со инструменти што не произлегуваат од меѓународното право и од темелните принципи на ЕУ, веќе нема да поминуваат – вели децидно еден претставник од дипломатско-конзуларно претставништво на земја членка на ЕУ од Балканот што е акредитиран во Македонија.
Реалниот македонски моментум: Тренд за продлабочување на постојните и за градење нови стратегиски партнерства и геополитички сојузништва
Нови стратегиски геополитички/глобални преструктурирања, партнерства и геополитички сојузништва ќе го прекројат светот и ќе го демонтираат досегашниот блиску униполарен систем. За Европа, тоа ќе значи суспендирање и демонтирање на либералната матрица наметнувана од европските елити и дефинитивно реструктурирање на ЕУ. По кое сценарио, тоа допрва ќе се види (за различните концепти на ЕУ пишувавме во минатите броеви на весникот). Но за нас тоа значи дека примарното значење на веќе и формално замрената евроинтеграција и отсега нема да биде функционално, бидејќи тежиштето ќе биде на самите реформски зафати на Брисел за Унијата.
За новата траса на македонската дипломатија, врзана за ЕУ говори и унгарско-македонската средба на врвот. Имено, заедничката седница на владите на двете држави, разговорот на македонскиот премиер Христијан Мицкоски со унгарскиот премиер Виктор Орбан, а особено натамошното зајакнување на политичката и економската соработка, ќе имаат вонредно значење за Македонија. Да не заборавиме: Орбан и неговата Унгарија се првиот и најблизок сојузник во Европа на американскиот лидер Доналд Трамп, еден од неколкуте создавачи на новата светска политичка конфигурација. Секако дека може и треба да се очекува Орбан и Унгарија да ѝ помогнат на Македонија во нејзините напори за евроинтеграција, (но не по теркот на досегашните дегенерирани критериуми на Брисел, Париз и на Софија, во кои билатералните и противправни барања добија примат на европски бенчмарк!?).
ЕУ е во многу покревка ситуација отколку што мнозина можат да сфатат
Во својата научна студија со наслов „Колапс на Европа по Европската Унија“, уште во 2018 година д-р Јан Кернс, британски експерт за надворешна политика и за проширување на ЕУ, категорично имаше заклучено дека „распаѓањето на ЕУ започнало уште откако Велика Британија излезе од ЕУ“.
– Но сѐ уште многу малку внимание се обрнува на последиците, кои можат да се случат од дезинтеграцијата на ЕУ. Европскиот континент се соочува со терористички и миграциски кризи, со новата закана од Русија, со бескрајна кршливост на еврото, со нова евроскептична политика… Европа е погодена од најголемата криза по Втората светска војна. Европската Унија е во многу покревка ситуација отколку што мнозина можат да сфатат. Постојат повеќе сценарија што можат да доведат до колапс на ЕУ – нагласи овој британски политички и евроинтеграциски експерт.
Навистина, сега е веќе дојдено време да си го поставиме прашањето: што точно ќе бара Македонија во оваа и ваква Европска Унија, која е веќе геополитички банкротирана и ѝ се заканува драматичен развод на „трансатлантскиот брак“ со САД? Зошто мора Македонија и натаму да прокламира дека „наш прв и врвен приоритет“ е евроинтеграцијата?
– Не дека ќе се распадне ЕУ. Тоа сигурно нема да биде. И тоа не се случува прекуноќ. ЕУ им треба на светот, на Америка, на Кина, па и на Русија. Додуша, не ваква, воинствена, која сака да продолжи војната во Украина, за наводно да ја дефокусира Русија, да не направи инвазија на другите делови на Европа и преку Украина и на тлото на Украина да се водат војни поради амбициите на сегашните европски елити во Брисел. Тоа е само уште една заблуда пласирана за европските граѓани, во режија на неолибералните европски елити. Во моментот, нагласувам дека идеолошки се совпаѓаат Вашингтон и Москва. Тие сакаат повторно своите држави и нации да ги направат големи и онакви што -одлучуваат за светот. На светот му претстои нова „Јалта“ во која, за жал, нема да ги има европските лидери. Затоа, тие упорно се обидуваат да се факторизираат себеси со судирот во Украина. Во моментот, и Вашингтон и Москва и Пекинг сакаат крај на воениот судир и влегување во мировен процес и дијалог што нема да се однесува само на Украина туку и на сферите на интерес во светот. Брисел од скоро и натаму ќе биде на маргините на овој процес, па затоа мислам дека Македонија треба да знае (а гледам и дека чувствува) кои ќе ѝ бидат приоритетите во надворешната политика. А моментумот и содржините на претстојните промени ѝ одговараат на вашата земја – ни анализираше дипломатот од амбасада на ЕУ што сакаше да остане анонимен.
Автор: Свето Тоевски
Орбан и концептот на „Европска Унија на суверени нации“
Виктор Орбан и неговата партија Фидеш лани летото ја основаа Патриоти за Европа, третата по големина политичка група на пратеници во Европскиот парламент, која има 84 европратеници во овој момент. Во Европскиот парламент е формирана и дејствува групата под име Европа на суверени нации, составена од 24 пратеници, главно од партијата Алтернатива за Германија. Овие две пратенички групи во Европскиот парламент сѐ уште немаат раководители на некоја од 20-те комисии во европарламентот, но тие без никакво сомневање се оние што веќе ја преобликуваат постојната политичка архитектура на Европската Унија и на постојнава политичка Европа.
– Ова е успех, иако засега само релативен, кој го постигна унгарскиот премиер Виктор Орбан. Но тој повторно покажа дека е трендсетер (личност што е пример, што воспоставува правци и предводи – заб.прев.). Орбан влијае врз клучните европски процеси на високо рамниште – изјави д-р Даниел Хегедус, политички истражувач и виш соработник за Централна Европа во германскиот Маршалов фонд.
Токму поради сите овие факти, но и погледи на политички експерти во Европа, авторот на овие редови констатира дека унгарскиот премиер Орбан е еден од водечките европски државници и политички лидер, кој активно веќе започна да ја „крои“ и да ја создава новата Европска Унија на суверени нации, како замена на постојнава веќе гнила ЕУ, која е и пред распад.
Значењето на конкретното операционализирање на македонско-турското стратегиско партнерство
Од исклучително значење е и заедничката политичка декларација за основање совет за соработка на високо ниво меѓу Турција и Македонија, која ја потпишаа Мицкоски и турскиот претседател Таип Ердоган на 28 февруари 2025 година. Овој политички документ го префрла на ново повисоко рамниште постојното стратегиско партнерство на Македонија со Турција и отвора голем простор за продлабочување и засилување на соработката во сите области од заеднички интерес на билатерално, регионално и на глобално рамниште. Уште нешто многу важно: сметаме дека Турција има доволно моќ и политичко влијание врз низа балкански политички актери да спречи нечии планови за распад на Македонија во случај да се „потпали“ балканското „буре барут“ во услови на активирање на разноразните великодржавни сценарија…