Слобода или неслобода во медиумите

„Во 2023 година, 60 отсто од светската популација, или 4,75 милијарди
луѓе, користеле платформи на социјалните медиуми за да се изразат, да се информираат и да се афирмираат себеси“. Во оваа анализа се констатира дека „дигиталното царство, како простор за слобода и нов форум за изразување и дебата се преплетува со нашите социјални врски, идентитети и животи“

Глобалната слобода во медиумите продолжи да се влошува, тренд што трае дваесетина години по ред, соопшти „Фридом хаус“ во штотуку објавениот годишен извештај „Слободата во светот“. Македонија, според извештајот, „тапка во место“ и останува во категоријата делумно слободни земји во друштво со Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Унгарија, Украина и со Молдавија. Земјава, исто како и минатата година, има 67 од 100 поени, а во категоријата политички права, има 28 од 40 поени, додека за граѓанските слободи има 39 од 60.
Во минатогодишниот извештај на „Фридом хаус“, Македонија беше сместена во групата на „циклични хибриди“. Според оценката, таа беше меѓу земјите во кои редовните промени во владејачката елита предизвикуваат недостиг од значајни структурни промени и каде што ривалските партии, во кои доминираат личностите или личните определби на нивните лидери, постојано ги политизираат и заробуваат слабите институции. Отсуството на поголеми чекори за елиминирање на корупцијата и измените на Кривичниот законик ја намалија оценката за Македонија во однос на оценките објавени претходните години.
На врвот на листата на слободни земји годинава е Финска со 100 поени, по што следуваат Норвешка и Шведска со 99 поени. И Германија е во врвот на земјите што се рангирани како слободни – со 95 од вкупно 100.
Никогаш не е докрај разјаснето што, всушност, се подразбира под опсегот слобода или неслобода во медиумите. Едни мислат дека слобода и медиуми има премногу, како никогаш досега, други пак сметаат дека владее медиумски мрак. Некои сето тоа го заокружуваат како автоцензура, наводно психолошки проблеми, „експертски“ анализи, дебати, препукувања, малициозности.
Социјалните мрежи му овозможуваат на обичниот граѓанин живот во една сосема нова димензија, виртуелен свет, каде што се сретнуваат неговите надежи, стравови, очекувања… Во овој нов дигитален свет сѐ е можно, вистината станува лага, а лагата се претвора во вистина.
За моќта на медиумите зборува и еден од најпознатите медиумски теоретичари, познатиот канадски филозоф Маршал Меклуан, кој во својата книга „Медиумот е порака“ го предвидел влијанието на дигиталниот свет и воопшто на медиумите врз формирањето на јавното мислење.
Напливот информации што се менуваат и ажурираат од секунда на секунда не му оставаат простор на читателот/слушателот/гледачот да има доволно време за критичко размислување и проверка на информацијата, која се „голта“ одеднаш, онака како што е понудена – во изворна форма.

– Земјите продолжуваат да се борат со корупцијата и додека медиумите и граѓанското општество учествуваат во истражувања и градење енергичен јавен дискурс, новинарите и активистите се соочуваат со притисок и заплашување – наведува невладината организација „Фридом хаус“, која ја следи состојбата на демократијата низ светот. Корупција и заплашување, влошена состојба со слободата и засилен авторитаризам – карактеристичен вокабулар и оценки.
– Насилството и репресијата на политичките противници за време на изборите, тековните оружени конфликти и ширењето авторитарни практики придонесоа за опаѓање на слободата. Во годините што доаѓаат, сите оние што ја разбираат вредноста на политичките права и граѓанските слободи мора да работат заедно во одбрана на демократијата – се наведува во извештајот.
Изборни манипулации, војни и напади врз плурализмот се клучни двигатели на глобалниот пад, според „Фридом хаус“. Речиси 38 отсто од луѓето во светот сега живеат во земји со медиуми оценети како неслободни, 42 отсто живеат со делумно слободни и само 20 отсто живеат во земји со слободни медиуми.
Како што се појавува редовниот годинашен извештај на „Фридом хаус“ за слободата на медиумите секоја година, како по правило се отвора божемна дебата за состојбите во нашиот случај, површна, млака, што се вели – да се пројде на редот. Сѐ некакви исчудувања, вџашеност, забезекнатост од падот на рејтингот и степенот на доверба што го генерираат, до квазифилозофски бладања и откривања топла вода. Сето заедно претставува површен приод и непознавање на темата и материјата.
Меѓутоа, стои и податокот дека „во 2023 година, 60 отсто од светската популација, или 4,75 милијарди луѓе, користеле платформи на социјалните медиуми за да се изразат, да се информираат и да се афирмираат себеси“. Во оваа анализа се наметнува и фактот дека „дигиталното царство, како простор за слобода и нова форма за изразување и дебата, се преплетува со слободите и нашите социјални врски, идентитети и животи. Социјалните мрежи му овозможуваат на обичниот граѓанин живот во една сосема нова димензија, виртуелен свет, каде што се сретнуваат неговите надежи, стравови, очекувања“… Во ерата на апсолутна медијализација, објективни и слободни медиуми денес всушност и не постојат. Или е тоа само некаков привид дека тие објективно пренесуваат известувања и значења. Во овој нов дигитален свет сѐ е можно, вистината станува лага, а лагата се претвора во вистина.
Напливот на информации што се менуваат и ажурираат од секунда на секунда не му остава простор на читателот/слушателот/гледачот да има доволно време за критичко размислување и проверка на информацијата, која се „голта“ одеднаш, онака како што е понудена – во изворна форма.

„Медиумот е порака“ предвидел Маршал Меклуан, на темата за влијанието на дигиталниот свет и воопшто на медиумите врз формирањето на јавното и нашето мислење и живеење. Медиумите веќе ништо не пренесуваат, туку се цел на самите себе или станува плен на матните регионални и глобални политички платформи што секојдневно се анектираат и /зло/употребуваат за сопствени цели и интереси. Во најголем дел тие се употребуваат како моќно орудие за ментална навигација и манипулација со кое низ етерот се пласираат фрактални форми на стоглави семантички чудовишта, составени еднакво од информации, забава, идеологија, политика, културни предрасуди, интереси на поединци и сл… А што се однесува до редовниот извештај на „Фридом хаус“, за оние што од скоро го читаат, тоа не е ниту некоја нова епифанија ниту чудо, туку е само пресек, заклучок на нашиот севкупен демократски, економско-политички, образовен, културен, духовен и ментален степен на развиток, што во услови на глобална информациска поврзаност е едноставно и лесно изведен.