На врвот на листата на ФИДЕ и понатаму се Магнус Карлсен и Јифан Хоу, а на македонската листа и понатаму водат Евгени Романов и Моника Стојковска
ШАХ – РЕЈТИНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ
Светскиот првак Домарају Гукеш (2.787) се проби на третото место на мартовската рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и ги престигна Фабијано Каруана (2.782, минус 20) од САД и Арџун Еригаиси (2.777, минус 24) од Индија. Прагнананда Рамешбабу (2.758) од Индија, кој победи на силниот турнир во Вајк ан Зе, се врати меѓу првите 10. ВМ од САД, Хикару Накамура (2.082) сега е втор. На врвот без промени, петкратниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.833), останува на првото место, а тој континуирано е првопласиран во светот од 2011 година.
Карлсен го постигна највисокиот рејтинг во историјата на шахот (2.882) во мај 2014. Но може ли тој рекорд да биде наскоро надминат? Актуелниот светски првак Гукеш, кој е прв на јуниорската листа, смета дека е можно да се надмине, но тоа ќе биде „голем предизвик“ за него или за кој било друг шахист да го постигне во блиска иднина.
– Мислам дека тоа е можно. Но, исто така, разбирам дека е многу предизвикувачки, особено затоа што рејтингот генерално, во споредба со пред неколку години, беше прилично низок на врвот. Значи, можеби за уште неколку години, тоа е можно, но во блиска иднина, не е толку веројатно – изјави Гукеш за „Фрстпост“ во текот на турнирот од шаховската турнеја во Фишеров шах, кој се одигра во Германија.
Кај шахистките и понатаму доминира поранешната светска шампионка ВМ Јифан Хоу (2.633), а следуваат актуелната првенка ВМ Ју Венјун (2.561), ВМ Тан Жонгји (2.555), ВМ Тингџие Леи (2.552), сите од Кина, а петта е Русинката Александра Горјачкина (2.548). Најдобра јуниорка е ИМ од Индија, Дивја Дешмух (2.490).
На македонската машка листа и понатаму прв е ВМ Евгени Романов, но сега со три рејтинг-поени повеќе во однос на февруари (2.590), втор е ВМ Трајко Недев (2.475), трет ИМ Филип Панчевски (2.421), четврти е ВМ Александар Чоловиќ (2.413), а петти ИМ Дејан Стојановски (2.407). Најмногу рејтинг-поени (15) освои Михаил Јорданов (2.256), кој од 21-то се искачи на 19-то место меѓу стоте на македонската листа. На македонската женска рејтинг-листа без промени, прва е ЖФМ Моника Стојковска (2.067), а потоа се ЖФМ Весна Секуловска (2.064), ЖФМ Ивана Манова (2.020), ЖИМ Габриела Коскоска (2.000), ЖФМ Моника Жежовска (1.966)…, меѓу 39 шахистки.
Екипно, Македонија, мажи, која беше 55-та во февруари, сега е 56-та (просечен рејтинг 2.422), а шахистките од 62-то сега се на 64-то (со ист рејтинг, 1.961), од вкупно 204 шаховски федерации во светот. Кај мажите први се САД (2.729), пред Индија (2.722) и Кина (2.673), а кај жените води Кина (2.480), пред Индија (2.423) и Украина (2.389). Г.И.
ВРВНИ ПЕТ МАКЕДОНСКИ ШАХИСТИ
ВМ Евгени Романов 2.590
ВМ Трајко Недев 2.475
ИМ Филип Панчевски 2.421
ВМ Александар Чоловиќ 2.413
ИМ Дејан Стојановски 2.407
ВРВНИ ПЕТ МАКЕДОНСКИ ШАХИСТКИ
ЖФМ Моника Стојковска 2.067
ЖФМ Весна Секуловска 2.064
ЖФМ Ивана Манова 2.020
ЖИМ Габриела Коскоска 2.000
ЖФМ Моника Жежовска 1.966
ВРВНИ ПЕТ СВЕТСКИ ШАХИСТИ
ВМ Магнус Карлсен 2.833
ВМ Хикару Накамура 2.802
ВМ Домарају Гукеш 2.787
ВМ Фабијано Каруана 2.783
ВМ Арјун Еригаиси 2.777
ВРВНИ ПЕТ СВЕТСКИ ШАХИСТКИ
ВМ Јифан Хоу 2.633
ВМ Венјун Ју 2.561
ВМ Тан Жонгји 2.555
ВМ Тингџие Леи 2.552
ВМ Александра Горјачкина 2.546