Кинотеката на Македонија со поголем буџет годинава

Кинотеката на Македонија во 2025 година влегува со буџет од 7,5 милиони денари, со кои ќе реализираат програмски активности од областа на заштитата на аудиовизуелните добра, проекти од меѓународна дејност и евроинтеграции, како и од издавачката дејност. Буџетот на единствената институција во државава што се грижи за националното аудиовизуелно наследство е зголемен за повеќе од 1,5 милион денари во однос на минатата година.
– Најголемиот дел од вкупната сума, односно 6,5 милиони денари, ќе бидат потрошени на тековни и нови проекти во областа на заштитата, како што се прибирање филмови и филмски материјали, документација и музејски експонати, обработка и каталогизација на прибрана граѓа, но и на годишната филмска програма во кинотеката, преку која се обезбедуваат проекции на актуелни и култни филмски остварувања во една од најпосетените киносали во државата – велат оттаму.
Годинава ќе се работи и на дигитална реставрација на уште едно класично дело од македонската кинематографија – играниот филм „Македонска крвава свадба“ (1967) на режисерот Трајче Попов, како и на дигитална реставрација на 25 анимирани филма од македонската школа на анимиран филм, која беше активна во 1970-тите и 1980-тите години (Д. Марковиќ, Б.Пејчинов, Д. Михајловски, итн.). Играниот филм „Мис Стон“ (1958) на режисерот Ж. Митровиќ што минатата година беше дигитално реставриран, оваа 2025 година ќе го добие и своето блуреј-издание.
Во соработка со македонските културно-информативни центри во регионот, кинотеката ќе организира и презентација на македонската кинематографија преку програма насловена „Денови на македонски филм“, а на полето на издавачката дејност, покрај новиот број на „Кинопис“, се подготвува да излезе од печат и монографијата „70 Години македонски филмски плакат“.