Реактор на мала нуклеарна централа / Фото: ЕПА

Според анализите и ставовите на реномирани домашни енергетски експерти, новата влада навистина се фокусира на домашни енергетски капацитети (досега на постојните за базна енергија), но инсистира и на динамична изградба на нови енергетски капацитети, со особено внимание и на високоефикасноста на производството на енергија, во пакет со нагорниот тренд да се придржува до зелените стандарди во таа област. Засега, очигледно е приоритетното тежиште што се идентификува со претстојни проекти за изградба на когенеративни гасни централи што го користат гасот за производство на електрична енергија. Но од владиниот радар не треба да излезат ниту малите нуклеарни централи

Кои се најсоодветните извори на енергија за земји како Македонија? Како нашата земја да обезбеди стабилни извори на потребната струја, како за задоволување на потребите на домаќинствата така и за индустријата, е едно од прашањата за кое често се дискутира. Инженерите од енергетската област редовно истакнуваат дека во енергетскиот сектор нема брзи решенија и потребно е навремено планирање и инвестирање, што е причина повеќе за сериозен пристап кон темата.
Според анализите и ставовите на реномирани домашни енергетски експерти, новата влада навистина се фокусира на домашни енергетски капацитети (досега на постојните за базна енергија), но инсистира и за динамична изградба на нови енергетски капацитети, со особено внимание и на високоефикасноста на производството на енергија, во пакет со нагорниот тренд да се придржува до зелените стандарди во таа област. Засега, очигледно е приоритетното тежиште што се идентификува со претстојни проекти за изградба на когенеративни гасни централи што го користат гасот за производство на електрична енергија. Но од владиниот радар не треба да излезат ниту малите нуклеарни централи.

Мало потсетување за „малите“ нуклеарни централи

Последниве години честа тема од областа на енергетиката се малите нуклеарни централи или мини-нуклеарни реактори што се градат на многу локации, иако на некој начин овој нов тип нуклеарни централи сѐ уште се развиваат.
Предноста на ваквите централи е што можат да се постават на секакви локации, нивното монтирање се одвива многу брзо, чинат многу помалку од вообичаените нуклеарни централи, но и понатаму се многу скапи. Дополнително со развојот на технологијата се најавуваат мини-нуклеарки со моќност меѓу 150 и 170 гигавати или уште помали од оние што досега се развиени.
Сепак, за нашата земја и понатаму има пречки за нивно инсталирање и нивна примена. Инженерите посочуваат дека најголем проблем би бил изворот на финансии.
Професорот и енергетски експерт Константин Димитров-Кокан, наедно и основач на МАЦЕФ, за „Нова Македонија“ укажува дека како што во светот веќе се применуваат малите нуклеарни централи како извор на енергија, истите тие може да се користат и во Македонија и нема пречка за нивно поставување.

Каде се кочниците?

Професорот посочува дека инвестициите не се толку едноставни, ниту евтини, а сѐ зависи од типот на постројката што ќе се одлучат надлежните да ја постават, но и од самиот производители и поради ова цените значително варираат.
– Ваквите мини-нуклеарни централи имаат различни капацитети. Тие може да бидат со почетен капацитет од 70 MW и после се додаваат модули по потреба – вели професорот Димитриевски.
На прашањето кои се кочниците за да се инвестира во ваков извор на енергија во Македонија, дали се финансиите или недостига знаење за управување со вакви централи, професорот ги посочува пред сѐ парите како проблем.
– Високи инвестиции, долг рок за ставање во функција. Не е проблем управувањето, максимално автоматизирано – посочува Димитров.
Иако малите нуклеарни реактори имаат голема предност и можат да се поставуваат на секакви локации, сепак и понатаму многу држави немаат соодветна мрежна инфраструктура за дистрибуција и приклучок, што исто така може да повлече големи финансии за нови инвестиции.
По војната во Украина, европските земји почнаа да се навраќаат на „нуклеарната опција“. Франција и понатаму обезбедува над 60 проценти енергија од нуклеарки. Германија е внимателна и размислува како и повеќето земји од ЕУ. Но Полска даде зелено светло за изградба на 24 нови единици на мали модуларен реактор (СМР) на шест локации.
Се очекува мини-реакторите да заменат една третина од енергетското производство во САД и во Канада, околу една четвртина во Кина и уште една четвртина низ пазарите во развој во Африка, Азија и во Латинска Америка. Е.Р.


Сѐ поголем фокус во светот на мини-нуклеарките

Мини-нуклеарните централи се во фокусот на вниманието и на новите инвестиции на светскиот филантроп и коосновач на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, и „Ролс-Ројс“, кои се посветија на изградба на мали модуларни реактори (СМР – мали модуларни реактори) во Северен Велс. Станува збор за модуларни реактори со капацитет до 300 MW, што е околу една третина од капацитетот на класичен нуклеарен реактор. Тие се засноваат на модуларна технологија што овозможува сериско производство и брза градба.
Застапниците на оваа технологија тврдат дека потешко може да дојде до прегревање на јадрото на малите нуклеарни реактори во споредба со конвенционалните, затоа што произведуваат помалку топлина од јадрото на конвенционалните. Иновативните технологии можат да ги намалат и другите инженерски ризици, како што е дефект на пумпата за течноста за ладење.
Македонија, како и повеќето земји, се соочува со глобалните енергетски предизвици, а главниот енергетски капацитет за производство на струја е на јаглен. Проблем е што се намалуваат резервите на јаглен, а увозот од соседството станува сè поскапо. Во минатото имаше идеја за изградба на нуклеарна централа во Мариово, но тие планови пропаднаа поради скапата инвестиција и недостиг од вода за потребите за ладење на реакторите.
Пореалната варијанта според експертите беше да се учествува во бугарската нуклеарна централа „Белене“, но таа идеја не се оствари, бидејќи Бугарија дефинитивно стави крај на овој проект. Искуствата од други држави што користат еден вид нуклеарни мини-централи за производство на струја е една од опциите за подобра енергетска иднина на Македонија. Во нив се поставени мали реактори, слични на оние што се монтираат во нуклеарните подморници и бродови, со кои може да се произведува електрична енергија што може да задоволи одредени потреби.


Неопходноста од домашна енергија

Без сопствени енергетско-производствени капацитети ќе бидеме зависни и економски и политички

Во последната колумна напишана за „Нова Македонија“, професорот Димитров укажа дека без сопствени производствени капацитети, за да ги задоволиме основните потреби за енергија, ќе бидеме зависни и економски и политички.
– За да се ослободиме од увоз на енергија имаме две насоки: смалена потрошувачка на енергија преку мерки за енергетска ефикасност и изградба на нови производствени постројки. Да биде јасно, под сопствено производство подразбирам произведена енергија од наши народни постројки (управувани од Владата/ЕСМ). Изградени со наши пари, за наши потреби, а ако произведеме повеќе, да има и за извоз. Ако веќе мораме да увезуваме природен гас како еколошки прифатлив енергент, во периодот на дваесетгодишната реализација на развојната стратегија, а зошто не и побрзо, очекувам целосно ослободување од увоз на електрична енергија.
Можеме! РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“, порано или подоцна, одат во историја. Очекувам, но и убеден сум дека итно ќе се изградат две когенеративни термоцентрали, секоја со приближен капацитет од 240 MW. За да се обезбеди, што е можно побрзо, задоволување на базните потреби за електрична енергија – вели Димитров.
Но притоа тој додава дека очекува термини за изградбата на акумулациите во Мариово (Чебрен; Галиште), Луково Поле итн., паралелно со ставање во функција на термоцентралите, бидејќи станува збор за мултинаменски објекти што овозможуваат резерва на вода, енергија и стопански развој на неразвиените подрачја.
И професорот и енергетски инженер Дејан Трајковски во неколку наврати укажа дека инвестирање во нуклеарни електроцентрали базирани на мали нуклеарни реактори (СМР – мали модуларни реактори) е поволна опција за нашата земја. Потоа посочи и дека нуклеарното гориво, иако со цена на историскиот максимум, учествува во вкупната цена на електричната енергија само со 7 евра/MWh, што е речиси бесплатно. По отплатата на електроцентралата ќе имаме поевтина енергија дури и од фотонапонските централи, пред сѐ поради високиот капацитетен фактор.