Фото: ЕПА

Средбата ќе се одржи во трета земја, а конкретната локација сѐ уште е предмет на договор, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков во интервју за РИА, без да прецизира кој ќе присуствува од руска или од американска страна

Најавена нова средба на руски и американски претставници за ставање крај на војната во Украина

Втората средба меѓу претставниците на Русија и на САД е планирана во следните две недели, изјави за јавноста рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков. Москва и Вашингтон во вторникот ги одржаа своите први разговори за ставање крај на речиси тригодишната војна во Украина, со цел обновување на руско-американските односи и подготовка за крај на конфликтот.
Средбата ќе се одржи во трета земја, а конкретната локација се договара. Не беше ниту прецизирано кој ќе присуствува од руска или од американска страна. На оваа тема, рускиот заменик-министер за надворешни работи беше најконкретен во јавноста и обелодени дека постои „начелен договор меѓу двете страни“ за одржување консултации за да се разработи целата агенда прашања, која се состои од два тежишни блока.
– Денес се соочуваме со две паралелни, но, се разбира, до одреден степен политички меѓусебно поврзани патишта: едниот е прашањето за Украина, другиот е билатерален, на релацијата Вашингтон-Москва – истакна рускиот заменик-министер за надворешни работи.

Претстои средба помеѓу Путин и Трамп

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Рјабков се осврна и на можноста за одржување средба помеѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот лидер Доналд Трамп во следните две недели.
– Постои договор дека на рундата разговори на ниво на заменици ќе ѝ претходи консултативен контакт меѓу директорите на соодветните ресори. И нивната средба би можела да се одржи во следните две недели – посочи Рјабков.
Кремљ минатата недела објави дека месецов е можна средба лице в лице меѓу Путин и Трамп. А светските медиуми пренесуваат дека од двете страни постои интерес за средба.
Рјабков рече и дека Москва сè уште не добила одобрение од Вашингтон за нејзин нов амбасадор во САД. Претходниот руски амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, ја напушти функцијата во октомври.
Во вторникот, за време на првите руско-американски разговори за ставање крај на војната во Украина, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека тимовите на високо ниво ќе работат на повторно воспоставување дипломатски претставништва на земјите во Вашингтон и во Москва за да ги олеснат понатамошните разговори.

Р.С.


САД форматираа писмен документ за ОН заради постигнување светска согласност за мир во Украина

Резолуција заради врамување на консензусот за мир

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Соединетите Американски Држави предложиле едноставна историска резолуција до Обединетите нации и ги повикуваат сите земји членки на Светската организација да ја поддржат со цел „да се нацрта патоказот кон мирот“.
– Оваа резолуција е во согласност со ставот на Доналд Трамп дека ОН мора да се вратат на својата основна цел, како што е наведено во Повелбата на ОН, а тоа е одржување на меѓународниот мир и безбедност преку мирно решавање на споровите – нагласи Рубио.
Според оцената на американскиот државен секретар, „ако ОН се навистина посветени на својата основна цел, мора да признаеме дека е можно да се постигне траен мир, и покрај предизвиците“.
– Со поддршка на оваа резолуција, потврдуваме дека овој конфликт е ужасен, дека ОН можат да помогнат да се стави крај и дека мирот е можен – рече Рубио.
Тој додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп е посветен на ставање крај на војната во Украина и на изнаоѓање траен мир. Како што истакна Рубио во изјавата, војната во Украина „се одолжува предолго и со преголема цена за Украина и Русија“.
САД во петокот предложија нацрт-резолуција на ОН по повод третата годишнина од почетокот на војната во Украина, а Генералното собрание на ОН ќе се состане денеска за да гласа за резолуцијата предложена од Украина и ЕУ.
Во нацрт-резолуцијата, во која увид имаше агенцијата „Ројтерс“, се наведува „итна потреба да се стави крај на војната оваа година и да се удвојат дипломатските напори за да се намали ризикот од понатамошна ескалација и да се постигне сеопфатен, праведен и траен мир во Украина“.

Р.С.


Официјална Будимпешта им се спротивстави на европските либерални елити

Унгарија нема да дозволи Брисел да го спречи мировниот договор меѓу САД и Русија

Унгарија нема да дозволи либералните европски лидери да се мешаат во договорите меѓу Русија и САД и склучувањето на мировниот договор за Украина, изјави унгарскиот министер за надворешни работи и меѓународни економски односи Петер Сијарто на телевизијата М1.
– Ќе направиме сѐ, дома во Европа, за да се осигуриме дека овој круг на фрустрирани либерални лидери не може да го спречи создавањето американско-руски договор и голем мировен договор – рече унгарскиот министер за надворешни работи.
Тој се осврна на критичките изјави на европските политичари против американскиот претседател Доналд Трамп и барањата да ѝ се дозволи на Европа да дојде на преговарачката маса. Според него, тоа се „извици на фрустрирани либерални европски политичари, кои ги поминаа последните три години спроведувајќи неуспешни политики што ја доведоа Европа во многу тешка ситуација“.
– Се разбира, унгарската влада, која е посветена на мирот, ќе продолжи да им ја дава сета можна поддршка на Доналд Трамп и на американската администрација во иднина за да можат што поскоро да склучат американско-руски договор што може да донесе безбедност и мир во цела Европа – рече Сијарто.

Р.С.