Фото: Приватна архива

На 58 Херцегновски зимски ликовен салон кој деновиве се одржа во Херцег Нови, Црна Гора во галеријата „Јосип Бепо Бенковиќ“, меѓу наградените е и македонскиот ликовен уметник Борче Богоевски за делото „Белиот облак“.
Селекторка на годинешното издание на зимскиот салон е историчарката на уметност Петрица Дулетиќ, а „Пејзажно искуство“ е темата на која твореле 44 ликовни уметници од Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Македонија.
-Пејзажот не е само простор што го посматраме, тој е и простор кој го чувствуваме, обликуваме и толкуваме. Уметниците користат различни стратегии за да ја коментираат и анализираат реалноста-од експлицитни критики до суптилни метафори. На овој Салон го отвораме прашањето „Какво е денес искуството на пејзажот?“…Мојата цел беше да ги претставам одговорите на уметниците низ интердисциплинарни пристапи, преку кои тие ги рефлектираат и ги преиспитуваат современите општествени околности – рече Дулетиќ.
Во однос на технологиите, во делата на избраните уметници застапени се сликарство, цртеж, комбинирани техники, скулптура, објект, инсталација, графика, уметничка фотографија и видео.
Меѓу селектираните уметници, претставник на Македонија беше ликовниот уметник Борче Богоевски, чие дело насловено „Белиот облак“ е дел од оваа поставка. Тричлената стручна комисија на Салонот, одлучила, делото на Богоевски да биде второнаградено. Станува збор за дело изработено со масло на платно, но користена е т.н. техника ербраш (airbrush) која е застапена во актуелниот опус на уметникот Богоевски.


-Наградата за мене претставува голем мотив да продолжам да го негувам мојот уметнички пат во чија суштина одсекогаш лежи потрагата кон издигнување на свеста на едно повисоко ниво, како потрага и одгатнување на најсуштинските прашања кои го засегаат човекот-вели Богоевски за Нова Македонија.
Во образложението за наградата, трилчленото жири сочинето од сликарката Драгана Младеновиќ и историчарите на уметност Милош Марјановиќ и Јасмина Житник, се вели дека делото на Богоевски е изработено со деликатни соочувања меѓу острите облици на индустрискиот град и небесната мекотија и пространост.

Фото: Приватна архива

Во сликата „Белиот облак“ како главна содржина застапени се големите фабрички оџаци кои се издигнуваат речиси до облаците, испуштајќи темен густ чад кој се испреплетува со самите облаци на небото. Над нив надвиснува „белиот облак” синоним за чистината и недопреното, како метафора за внатречовечката потрага по вистината, светлината и секако потребата човекот да ја преиспита својата улога на земјата. Делото повикува на критичко размислување, и ја потенцира важноста на одлуките од кои во голема мера зависи зачувувањето на природата.
Првонаградена на Херцеговскиот зимски салон е словенечката уметница Паола Корошец, а третата награда ја делат Иван Шуковиќ од Црна Гора и Наташа Седеј од Словенија. Авторите на првонаградените и второнаградените дела ќе добијат парични награди, а третонаградените уметници се наградени со можност за самостојни изложби во галеријата „Јосип Бепо Бенковиќ“ во Херцег Нови.
Оваа традиционална и еминентна ликовна манифестација претставува пресек на актуелните уметнички истражувања во регионов.